Во две табли со јајца 25 годишна жена се обидела да внесе марихуана и кокаин во затворот Идризово. Дрогата требало да заврши кај сопругот кој одлежувал казна затвор. Од 60 јајца скенерот покажал дека 28 биле полни со пакетчиња дрога тешки речиси половина килограм. Осомничената е мајка на две деца од кои едното е 5 месечно бебе.
„На 20 мај таа се обидела неовластено да внесе наркотична дрога – марихуана и кокаин во КПУ Затвор Идризово во Скопје додека била во посета на нејзиниот сопруг кој издржува казна во затворот. Однела две табли во кои визуелно изгледало дека се спакувани вкупно 60 јајца, но при проверка на скенер и при рачна проверка, било утврдено дека 28 од нив содржат пакувања дрога, односно вкупно 318,62 грама марихуана и 142,2 грама кокаин.“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството ја гони за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За ова кривично дело предвидена е казна затвор од три до десет години.
„На 20.05.2026 во 15:30 часот пред Казнено- поправната установа Затвор Идризово, полициски службеници ја лишиja од слобода В.А.(25) од скопско затоа што при преглед на пакет кој го донела за осудено лице биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана.“, соопштија од МВР.
Ден подоцна при претрес во затворот Идризово биле пронајдени и одземени 100 кесички со марихуана.
Марија Митевска
