Некогашниот симбол на Скопје, Градскиот Трговски Центар (ГТЦ), местото каде се среќаваа генерации и беше со полни дуќани, денеска книжи загуби.
Минатата година тие изнесувале речиси 300.000 евра, пишува во најновиот извештај на Друштвото. Иако тие се намалени, ГТЦ има предизвици. Од една страна не може да си ги наплати побарувањата, а од друга им се трупаат обврски за кои им се неопходни средства.
„Отежнатата наплата на побарувањата ја загрозува ликвидноста на Друштвото. Поради ова, принудени сме со остатокот од средствата да преземеме само основни активности за одржување и вложување, реконструкција на застарени инсталации, опрема и мали градежни работи за реновирање на објектот“, стои во извештајот за ГТЦ.
Во извештајот пишува се соочува и со тужби, судски решенија за неразрешени имотно-правни односи, барања за корекција на квадратура и намалување на долгови по разни основи. Исто така стои и дека не се во можност да си ги наплатат побарувањата од големи должници, затоа што се неликвидни има отворен стечај или се во ликвидација. Поради тоа од друштвото се принудени да ги променат побарувањата, но и покрај тоа тие се евидентирани како ненаплатени.
Сè потешко може да се најдат и закупци на деловните простори. За разлика од порано, сега во ГТЦ сè почесто можат да се забележат празни локали.
„Поради неатрактивните локации на нашите неиздадени деловни објекти и покрај повеќекратното огласување нема заинтересирани за закуп“, стои во извештајот.
Најголем пораст на приходите кај друштвото се оние од паркинг. Тука зголемувањето е 26 отсто и лани од оваа услуга биле собрани над 630.000 евра.
За годинава, пак, според извештајот на министерството на финансии, ГТЦ заклучно со март има над 230.000 евра доспеани, а ненаплатени долгови.
За време на енергетската криза, ГТЦ се најде во друштво на Железница и се соочи со опасност да им ja исклучет струјата поради неплатени сметки за потрошената електрична енергија.
Ирена Чачкова
