Градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување при јавна набавка и избор на фирма за реконструкција на локален пат. Финансиска полиција го сомничи дека го оштетил државниот буџет за речиси 200.000 евра. Утврдиле дека склучил договор без да ја почека конечната одлука на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
„Пријавениот постапил спротивно на член 157, став 1, од Законот за јавни набавки, на начин што склучил Договор за набавка на работи – Реконструкција на локален пат во Добридол од центар на селото до вкрстување со сервисниот пат покрај државниот пат А2 делница Тетово – Гостивар со избраниот економски оператор без да ја дочека конечната одлука по поднесена жалба од Државна комисија за жалби по јавни набавки согласно која одлуката за избор била поништена. И покрај ваквата одлука од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки, пријавениот извршил плаќање по однос на склучениот договор на правното лице во вкупен износ од 11.848.675 денари, со кои дејствија му овозможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист за наведениот износ“, соопшти Управата за Финансиска полиција.
Градоначалникот Исен Шабани во изјава за Телма тврди дека нема сторено кривично дело.
„Треба да го има во предвид и Закон за јавни набавки, член 167, став 6 и 7. Значи од прв степен орган има доставено до втор степен орган и ургенција. Во рок од пет дена ако не се преизнесувате, тогаш ќе го сметаме како позитивно и за мене како градоначалник. Јас не можам да вмешам или дали да влијаам во прво степен или втор степен, како градоначалник да влијаат нешто. Или позитивно или негативно од моментот кога има одлука од прв степен тогаш за мене важи законот за облигациони односи и јас сум задолжителен да склучам договор“, изјави Исен Шабани, градоначалник на Општина Врапчиште, за Телма.
Шабани вели дека е постапно правилно и според одредби од Закон за општа управна постапка.
Александар Самарџиев
