Вести Македонија Топ вести

Министрите остануваат со двојно државјанство

Министрите и понатаму ќе можат да имаат двојно државјанство. Мнозинството одби, предлогот на СДСМ со кој се забранува оваа можност, да се носи по скратена постапка. Опозицијата законот го предложи како дополнување на неодамна поднесените измени на Законот за пратеници, со кои ВМРО ДПМНЕ и ЗНАМ побараа да се ограничи пратениците да имаат двојно државјанство.

„Граѓаните очекуваат лицата кои ги извршуваат највисоките државни функции да имаат само македонско државјанство. Сега гледаме бугарски државјанства, чешки државјанства и така натаму, тоа е нешто што го имаме официјално за членовите на Владата и што е потврдено и пред Собранието, зборувам конкретно за министерката за енергетика Сања Божиновска“, изјави Оливер Спасовски, координатор на пратеничка група на СДСМ.

На опозициските пратеници им останува можноста да го предложат законот по редовна постапка. Измените на Законот за пратеници и понатаму не се донесени, иако беа ставени на дневен ред на една од претходните собраниски седници.

Едно од опозициските пратенички прашања беше и тоа што јавноста си го поставува веќе втор месец – каде е вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи?

„Колку точно време Арбен Фетаи не оди на работа? – Дали тој за тоа време зема плата и кој му ги плаќа патувањата, меѓу кои има и дестинации во егзотични земји, од кои тој самиот споделува слики на социјалните мрежи? – Кои се придобивките за Владата и за граѓаните од тие негови патувања и од неодењето на работа? – Кои се придобивките од неговото патување во Тајланд, од кое самиот објави слики?“, праша Даниела Николова, пратеничка од СДСМ.

Потпретседателот на Собрание, Антонио Милошоски, одговори дека не добиле никакво известување од Фетаи дали ќе присуствува на денешната седница.

Во април, премиерот изјави дека вицепремиерот најавил повлекување од владата. Фетаи сакал да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, каде што веќе има искуство, но оттогаш нема објаснување дали тој формално сè уште ја извршува функцијата, дали прима плата додека не присуствува на седници и кога ќе биде разрешен?

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рокас: Владеењето на правото клучен предуслов за успешна евроинтеграција

Kristina Kuzmanovski

Во Скопје дувал ураган со брзина од 130 километри на час – најсилен скопски ветер измерен по 36 години

Дејан Дејан

Клековски: Водата за пиење во Гостивар ќе биде пуштена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе