Детроит и Кливленд ги добија мајсторките и ќе играат меѓусебе во полуфиналето на плеј-офот во Источната конференција во НБА-лигата.
Детроит се врати од негатива од 1-3 во серијата и успеа да го елиминира Орландо, откако славеше со 116-94 во седмиот натпревар одигран синоќа. Кејд Канингем беше лидер на Пистонс со 32 поени, а Тобајас Херис додаде 30. Кај Орландо не помогнаа ниту 38-те поени на Паоло Банкеро.
Кливленд, исто така, го искористи домашниот терен и ја доби мајсторката против Торонто со 114-102. Џерет Ален со 22 поени и дури 19 скока беше најзаслужен за триумфот на Кавалирс, додека Донован Мичел, исто така, постигна 22 поени. Џејмс Харден натпреварот го заврши со 18 поени. Кај Репторс, кои ја одиграа својата прва плеј-оф серија по четиригодишна пауза, најефикасен беше Скоти Барнс со 24 поени.
