Преживеаните од судирот на возови во кој загинаа 57 луѓе во Грција, како и роднините на жртвите го изразија својот гнев со протест пред кривичниот суд каде денеска започна процесот. Тие ноесеа транспаренти со натпис: „Нивни профит, наши животи“, како и „Злосторство во Темпи“. Несреќата се случи во февруари 2023 година кога после ударот огнот ги остави патниците заробени во оштетените вагони.
Повеќе од 36 обвинети, сите железнички и транспортни службеници – се соочуваат со сериозни обвиненија поврзани со загрозување на јавниот превоз. Несреќата се случи во Темпи во северна Грција откако патнички воз беше поставен на погрешна пруга, на патот на товарен воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата за немири формираше кордон околу судот додека неколку стотици демонстранти се собраа надвор, а роднините на жртвите, многумина облечени во црно, пристигнаа да присуствуваат на рочиштата.
„Па, ова е судење за правда. Ова е судење за смртоносна корупција. Вака една земја е доведена да ги убива сопствените деца преку корупција“, потенцираше Зои Константопулу, адвокатка на една од жртвите.
Меѓу обвинетите се и шефовите на станици кои биле на должност таа ноќ, нивниот надзорник, поранешни службеници на железницата, високи службеници во Министерството за транспорт и поранешни раководители од операторот „Хеленик Трејн“, во италијанска сопственост.
Се очекува семејствата на жртвите – од кои многумина станаа национално признати додека бараа одговорност – да бидат присутни во текот на целата постапка.
„Дојдовме тука да доделиме правда и правдата ќе биде задоволена. Поминаа три години без никој одговорен да биде во затвор. Од овој момент па натаму, ова судење треба да заврши, сите обвинети кои ќе бидат упатени во ова судење треба да бидат ставени во затвор и од тогаш па натаму, секој со своите адвокати и преку правни средства, треба да прави што мисли дека е најдобро“, изјави Димитрис Плакијас, татко и чичко на жртви.
Неколкумина присуствуваа во понеделник, држејќи фотографии од своите најблиски на почетокот на долгоочекуваното судење, момент што го привлече вниманието низ цела Грција.
Т.Д.
