Вести Македонија Најважни

Меѓу кандидатите за член на ДКСК донатори на ВМРО-ДПМНЕ и брат на функционер

Трката за едно празно столче во ДКСК се заострува. Четворица кандидати се во игра по оставката на досегашната членка Цвета Ристовска, која се повлече поради случаи поврзани со судир на интереси. Имиња веќе видени на претходни огласи, преклопувања со листите на донатори на политички партии од минатото, блиски роднини на актуелни функционери.

Кандидатите денеска беа на интервју пред пратеници и претставници на невладините организации, одговараа на прашања. Владимир Клековски, кој е адвокат и брат на актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување и поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, по три години повторно конкурира да биде член на Антикорупциска.

Јас никогаш не сум бил член на политичка партија, никогаш не сум бил активист на политичка партија, не сум учествувал на ниту еден начин во било која партиска активност, во целиот мој живот. Во поглед на моето право да аплицирам за член на комисијата ситуацијата е кристално јасна. Уставот со член 23 го гарантира правото на учество во извршување на функцијата“, рече Владимир Клековски, кандидат за нов член на ДКСК.

Некои имиња на кандидати се совпаѓаат со имиња и презимиња на донатори на сега владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Листите на донатори се објавени на ДЗР, а се однесуваат на избори во 2014 и во 2017 година. Антонија Андонова Тасевска е на листата од 2017 година и донирала 25.000 денари. Исти лични податоци има и кандидатката за член на ДКСК, која е вработена во институцијата. Негира поврзаност со политичката партија.

„Јас искрено не се ни сеќавам, бидејќи се поминати 10-тина години. Меѓутоа сакам да кажам дека во мојата 12-годишна кариера, јас немам ниедна црна дамка. Најодговорно тврдам дека немам никаква врска со политичка партија. Можете слободно да проверите дека ниту сум била партиски активна, ниту имам близок функционер или политичар“, изјави Антонија Андонова Тасевска, кандидат за нов член на ДКСК.

Кандидатката Марија Катралова Китанов не беше присутна на интервјуто и со тоа нејзината пријава се повлекува. Останати двајца кандидати кои се претставија се Милка Муратовска која е советник кај Народниот правобранител и Борче Стојановски. Стојановски е вработен во ДКСК, а и такво име и презиме се јавува во листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но од 2014 година. Сите кандидати до Собранието треба да достават изјава дека не биле донатори на партии во последните 10 години, па за Стојановски ова и не е спорно, бидејќи е поминато повеќе време. И двајцата ги претставија своите визии за работата на ДКСК, ветувајќи поголема транспарентност, посветеност во сузбивање на корупцијата и темелна проверка на судирите на интереси, со цел да ја вратат довербата на јавноста во институцијата.

„Јас мислам дека за100 дена не можеме 100% да ја вратиме довербата на младите во системот, значи за тоа да бидеме на чисто и да нѝ биде јасно. Близок контакт со нив и остварување на средби, едукација за правата коишто ги имаат. Јас од таму би почнала“, рече Милка Муратовска, кандидатка за нов член на ДКСК.

„Државната комисија за спречување на корупцијата, според мене, во иднина треба да се преобрази во агенција. Без разлика што еве и јас конкурирам за член, но мислењето и понатаму ми останува дека ДКСК треба да го трасира патот и да биде агенција“, рече Борче Стојановски, кандидат за нов член на ДКСК.

По завршувањето на интервјуата, изборот за нов член на Антикорупциска влегува во последна фаза. Во наредните три дена, Комисијата за селекција треба да направи ранг-листа и да ја испрати до собраниската комисија, која потоа ќе му предложи на Собранието кои кандидати се најсоодветни за функцијата, со кратко образложение за секој од нив. Листата оди на пленарка како еден предлог.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Направил обрач со бензин и ја потпалил депонијата во Кочани – додека не се изгасне целосно, ќе има рестрикции во собирањето на сметот

Sonja Petrusevska

Медијаторите со нов обид за дипломатските излез, додека нападите меѓу САД и Иран продолжуваат

Igor Trajkov

Директорката на ЈП Комуналец Гостивар е во полициска станица

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе