Повици на разум, зрелост и внатрешен дијалог наместо поделби, пристигнуваат од поранешни функционери на СДСМ, по отворениот партиски судир и најавата за исклучување на Петре Шилегов.Поранешниот потпретседател на партијата, Јани Макрадули, на Фејсбук повика на единство и создавање на заеднички фронт за промени, истовремено укажувајќи дека лојалноста не е слепо следење, туку и одговорност.
„Партијата, државта не се простор за тивки климања со глава, туку за одговорни луѓе кои размислуваат, создаваат и придонесуваат. Не се создадени за удобност, туку за одговорност. Одговорност за секој збор. Оттука, кога времињата стануваат сериозни, не ни требаат избрзани одлуки, ниту зборови што навредуваат. А, токму затоа, тешките муабети не смеат да бидат катализатор на раслојување. Тие треба да бидат простор за зрел дијалог, за аргумент, за приближување, не за поделби. Нема успех со игнорирање на тешките муабети“, напиша на ФБ Јани Макрадули, поранешен потпретседател на СДСМ.
Од СДСМ, пак, и денеска обвинија дека постои организирана „платформа“ за внатрешно уривање на партијата, зад која стои владејачката партија.
„Пронаоѓаат уценети лица, нудат пари, вработувања, а на некои и бизнис преку осигурувања, преку банки, фирми. Но, ние нема да дозволиме да се урива СДСМ“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ ѝ вратија дека се обидува да дефокусира од реалната ситуација.
„Меѓусебните обвинувања дека работат за ВМРО ДПМНЕ за да избегнат кривичен прогон, Филипче и Шилегов ги почнаа по шпекулациите дека во СДСМ се подготвува фракција. Се интензивираа деновиве, откако екс-градоначалникот на Скопје јавно кажа дека одредена групација во партијата ќе побара од раководството да се повлече, по што следеше одлука на Извршниот одбор за негово исклучување од партијата“ соопштија од ВМРО ДПМНЕ.
Меѓусебните обвинувања дека работат за ВМРО ДПМНЕ за да избегнат кривичен прогон, Филипче и Шилегов ги почнаа по шпекулациите дека во СДСМ се подготвува фракција. Се интензивираа деновиве, откако екс-градоначалникот на Скопје јавно кажа дека одредена групација во партијата ќе побара од раководството да се повлече, по што следеше одлука на Извршниот одбор за негово исклучување од партијата.
Далиборка Демјанска
