Постои Платформа за уривање на СДСМ осмислена од ВМРО, фатени во криминални скандали и без резултати, повторно се обидуваат да го урнат СДСМ од внатре, истакна денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа вели дека по разоткривањето на бизнис мрежата на Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ до „Руднап“, следувало координиран обид за дефокус и уривање на СДСМ од внатре.
„Фатени во криминални скандали, без никаков резултат зад себе, на ВМРО-ОКГ не им останува ништо друго освен да пробаат да ја уриваат СДСМ. Последните анкети направени од самата ВМРО покажуваат дека власта има голем пад на поддршката а има раст на рејтингот на СДСМ. Затоа ова се случува. Затоа и постои така наречената „Платформа за уривање на СДСМ од внатре“, осмислена од страна на ВМРО“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, оценувајќи дека е обид за дефокус од реалната политичка состојба. Порачаа дека ниту Венко Филипче, ниту Петре Шилегов имаат каква било поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека и двајцата се поразени на избори и не претставуваат никаква опција за граѓаните.
„Заеднички именител им е што народот ги знае добро и не се алтернатива, ниту можат да направат нешто добро за државата, освен да ја заглават и да не може потоа со години да се одглави„ пишува во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
