Вести Економија Македонија Најважни

Цените растат, мерки нема – владата со старата реторика „ја следиме состојбата“

И по второто значително поскапување на горивата, владата без мерки. На денешната владина седница не се планира точка на дневен ред за состојбата со цените. Владините служби повторно го соопштија она кое деновиве постојано до споменуваат – дека состојбата се следи.

„Владата активно ја следи состојбата со цените на горивата. Меѓу опциите кои се разгледуваат е намалување на ДДВ од 18% на 10%, со можност за дополнително намалување, зависно од движењата на светските пазари. Целта е заштита на животниот стандард, намалување на ценовниот притисок и одржување на економската стабилност“, соопштуваат од владата. 

Од СДСМ, пак, откако обвинија дека Владата не прави ништо, најавија дека ќе поднесат и пакет закони за мерки во кои влегуваат и оние за кои владата размислува.

„Прво закон за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за горивата, намалување на акцизата за 4 денари, третиот закон сведување на нула проценти ДДВ за основните прехранбени продукти и четвртиот закон за преполовување на цените на патарините кои граѓаните ги плаќаат ширум државата“, нагласи Венко Филипче, лидер на СДСМ.

Во меѓувреме, стопанствениците и дел од економистите предупредуваат – поскапувањето на горивата ќе ги вивне и другите цени. Прв на удар е транспортот. Од Асоцијацијата на превозници велат дека, иако тоа веднаш нема да се случи, ќе се одрази на нивната работа. Напоменуваат дека сè зависи и од тоа каква е понудата и побарувачката за нивната услуга. Но, за да се ублажи ударот од поскапите горива, бараат државата да преземе чекори за да им се намалат другите трошоци.

„Прво, дневниците на возачите кои се директни трошоци, треба да се зголеми нивниот износ, но да не се плаќа повисоко персоналец. Второ, министерството за финансии да ги прати сите дописи до државите со кои треба да се потврди дека се спроведува реципроцитет за враќање на ДДВ. Трето, исполнување на барањето за поврат на дел од акцизата за горивото по принципот за поврат на данокот на додадена вредност“, порача Биљана Муратовска од „Макамтранс“

Од денеска, на бензиските пумпи цената за литар бензин е повисока за седум денари, а на дизелот за 6,5 денари. За една недела ова е второ зголемување. Со корекцијата минатиот понеделник, бензинот поскапи за 12, а дизел за над 20 денари.

И додека македонските власти ја следат ситуацијата, дел од земјите во регионот донесоа одлуки за справување со високите цени предизвикан од кризата на Блискиот исток. Воениот конфликт и натаму ја држи цената на нафтата над 100 долари за барел.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судскиот процес против Мадуро закажан за 1 јуни во 2027 година во Њујорк

Sasko Dimovski

Скопските општини ќе формираат комисии за пријавување на штети од невремето

Sasko Dimovski

Трамп присуствуваше на пречекот на посмртните останки на американските војници убиени во војната со Иран

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе