Вести Економија Најважни

Поскапувањето на нафтата ќе ја зголеми инфлацијата, прашање е за колку?

Инфлацијата таман почна да се намалува, сега сосема е извесно дека повторно ќе се вивне. Неизвесно е само за колку. Според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата во февруари, во однос на истиот месец минатата година, за првпат по скоро цела година падна под 3 проценти, но очекувањата се дека радувањето ќе биде краткотрајно. Војната на Блискиот Исток ги зголеми цените на нафтата на светските берзи, а тоа веќе од полноќ се одразува и на македонските бензински пумпи.

Она што повеќе ги загрижува граѓаните е досегашното искуство, сите цени да се зголемат поради поскапувањето на нафтата, а потоа кога цените на нафтата ќе се стабилизираат и ќе се вратат на старото ниво, ништо друго нема да поевтини. Други, пак, на војната на Блискиот Исток гледаат само како на изговор. И без војна сè поскапува постојано.

„Катастрофално, едноставно катастрофално. Ќе имаме комплетна инфлација, сè ќе поскапи и стандардот ќе отиде по ѓаволите. Јас сум 70 години позади тезга и не паметам некогаш цените да се зголемат, па да се вратат назад. Барем јас не сум видел“.

„Нема врска тоа. Тоа одразено е веќе, секој ден ги качуваат, ни нафта ни ништо. Тоа добро им дојде на трговците – дигај цените сега нагоре. Досега не ги дигаа? И досега ги дигаа“.

„Никакво покачување, ни пензии ни плати, а нафтата ќе ги качи сите цени.“

„Ќе се качат и другите цени. Тоа е неминовно. Поради цените на нафтата, транспортот мора да се качи за цените на производите. Само да има гориво за да можеме да ги зимаме внуците од градинки и од школи. Што да правиме, тоа е, ќе се качи, тоа е неминовно поради кризата на Блискиот Исток“, велат анкетираните граѓани.

Финансиските аналитичари велат дека последици од кризата на Блискиот Исток ќе има, но не очекуваат да бидат драматични како двоцифрената инфлација по почетокот на војната во Украина.

„Јас мислам дека овојпат нема да имаме двоцифрени стапки на инфлација. Зависи колку ќе трае конфликтот. Има две сценарија – со зголемување на каматните стапки или без зголемување. Ако имаме зголемување на каматните стапки глобално, ако Европската централна банка ги зголеми каматните стапки, ќе имаме забавување на економскиот раст. Тоа нема да биде драматично забавување на економскиот раст, ќе имаме одредени стапки коишто веќе сме ги виделе, коишто се на ниво на некоја нормална толеранција“, вели Бојан Цветановски од „АЦИ Македонија“, Здружение на финансиски пазари.

Премиерот Христијан Мицкоски веќе изјави дека ако има драматичен скок на цените на годинава, владата ќе интервенира. Дел од мерките со кои може да се интервенира се намалување на ДДВ или на акцизата за увоз на енергенси.

ММФ претходно излезе со анализа дека поскапувањето на нафтата за 10 отсто во тек на една година ќе ја зголеми глобалната инфлација за 0,4 отсто и ќе го намали растот на светската економија за 0,1 до 0,2 отсто.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќемина паднаа на тестови за дрога, добија откази – француската влада ги тестираше вработените во министерствата и високите државни службеници

Sasko Dimovski

Судскиот процес против Мадуро закажан за 1 јуни во 2027 година во Њујорк

Sasko Dimovski

Скопските општини ќе формираат комисии за пријавување на штети од невремето

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе