„Владата да ја поништи концесијата за изградба на хидроцентралата“, „Блатешница за народот, а не за профитот“ ова се дел од пораките на жителите на виничкото село Блатец, кои денеска со трактори, градежна механизација и автомоболи два часа го блокираа регионалниот пат Виница-Берово.
Единствени и сложни се во барањата, од денешната предупредувачка блокада порачаа доколку Владата не ја повлече одлуката за изградба на хидроцентрала на реката Блатешница ќе ги радикализираат блокадите.
- Апел до државата, односно до надлежните институции на нашата Македонија, да си ја поправат грешката што е направена со доделувањето на концесијата за изградба на хидроцентрала на река Блатешница. Ние сме единствени и мора да успееме во нашата борба. Водата ни е живот и ќе успееме во нашата борба.
- Самата слика зборува зошто сме дојдени. Ние не сме против државата, ние сме за народот. Не може еден да се богати, а илјадници да страдаат, велат жителите на Блатец.
Десет години трае битката на мештаните на виничкото село Блатец и да се стопира изградбата на малата хидроцентарала, а која што дел од реката ќе ја стави и во цевка или во должина од речиси два километри.
Доколку се изгради овој објект на реката велат дека нема да има живот во Блатец.
- Најпрво ние ќе останеме без вода, бидејќи водоводот се наоѓа во средината на таа рута каде треба да поминува цевководот. Дел од јазовите или вадите за наводнување и системот е изграден во осумдесеттите години ќе останат без вода и нема да можеме да ги наводнуваме нашите полиња во атарот на селото и ќе се случи огромна еколоша катастрофа, која од реално искуство имаме од изградените хидроцентрали- Баже Анакиевски претседател на МЗ.
Инвеститорот пред два дена преку соопштение демантираше дека изградбата на мини хидроцентрала ќе предизвика еколошка катастрофа или ќе го остави селото без вода. Сложните жители на Блатец сепак, велат дека нема да дозволат изградба на хидроцентрала, веќе една седмица е поставена рампа на патот и со жив штит не дозволуваат да помине градежната механизација.
Викторија Јованова
Б.С.
