Северно европските земји се согласија да ја продлабочат меѓусебната соработка за проширување на капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори во Северното море. На енергетскиот самит во Хамбург, кој беше попречен поради лошото време, тие договорија инвестиции за градење на мрежа која може да достигне капацитет од 100 гигавати.
Домаќин на самитот беше германскиот канцелар Фридрих Мерц, а на него учествуваа премиерите на Белгија, Холандија, Луксембург, Данска и Норвешка, како и министрите за енергетика на Франција, Велика Британија, Ирска и Исланд.
„Се собравме денеска за да придонесеме и да ја продолжиме нашата заедничка работа во изградбата на електричната централа во Северното море за отпорна и конкурентна Европа, задача која што деновиве е важна како никогаш досега. Не се работи само за инсталирање на некои ветерници во Северното море како дел од нашето енергетско снабдување, се работи за поставување на основите на безбедна, прифатлива, одржлива енергија која ќе ја зголеми отпорноста на нашите индустрии и Европа во целина“, изјави Фридрих Мерц – Канцелар на Германија.
Овој договор за инвестирање во обновливи извори на енергија во Европа доаѓа само недела дена откако американскиот претседател жестоко ја критикуваше Европа во Давос поради нејзиното инсистирање да продолжи со развивањето чиста енергија.
