Бројот на жртви од железничката несреќа во близина на Адамас во шпанската покраина Кордоба се искачи на 45, откако спасувачките екипи пронајдоа уште две тела.
Според шпанските власти 123 луѓе се повредени, од кои шест се во тешка состојба.
Телата биле пронајдени во еден од оштетените вагони на возот и според првичните информации, тоа се последните две лица кои беа наведени како исчезнати.
Цивилната гарда претходно изјави дека бара „уште две исчезнати лица“ меѓу остатоците од возот.
На местото на несреќата продолжи работата за отстранување на возовите и потрага по евентуални дополнителни жртви, додека во тек е истрага за причините за излетувањето на задните вагони од возот Ирихо.
Специјализирани тимови од Шпанската централна истражна единица (ECIO) работат во областа, поддржани од лица кои ракуваат со кучиња, дронови со 3D форензички системи и експерти под надзор на Комисијата за истрага на железнички несреќи (CIAF).
Властите не дадоа рок за завршување на работата, нагласувајќи дека процесот се одвива побавно од очекуваното бидејќи секоја фаза е предмет на одобрување од страна на Цивилната гарда, поради истрагата и можноста за пронаоѓање дополнителни докази.
Во исто време, Каталонија ја преиспитува безбедноста на својата железничка инфраструктура по несреќата што се случи во вторник вечерта во Гелида, во која загина машиновозач, а 37 лица беа повредени.
Б.С.
