Единаесет месеци како е поставена настрешницата од страна на Општина Чаир, за време на градоначалникот Висар Ганиу, сѐ уште не е отстранета, иако за неа се произнесоа и од УЗКН и од ГКЦ, велејќи дека се работи за тврда градба , но дивоградба, која е подигната без било какви дозволи и која навлегува и во контактната зона- Дуќанџик и во споменичната целина- Стара скопска чаршија, каде што е забрането да се гради, за да не се наруши автентичноста на просторот.
Откако лани не ја урна Општина Чаир, настрешницата, посвена како премин од Бит пазар кон Старата скопска чаршија и обратно, со налог од УЗКН требаше да ја отстрани Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Но, директорот на Инспекторатот за градежништво вели дека новата локална власт на Чаир има волја да го отстрани објектот. А, ако тоа не се случи , Инспекторатот ќе ја заврши работата.
- Законски не можеме да постапиме додека од Општина Чаир не се изјаснат дали ќе постапат или не. Ако постапат проблемот ќе се реши без учество на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, а ако не постапат, Инспекторатот ќе се вклучи во постапката, вели Зухејр Реџепи, директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
А, од Општина Чаир велат дека настрешницата е монтажно-демонтажна урбана опрема, усвоена од Советот на Општина Чаир на годишно ниво. За неа е изработена проектна документација, и е издадено решение. Поставена е согласно ДУП-от „ Мавровка“, на простор предвиден како сквер, и има функција на јавен премин и урбан елемент, а не комерцијален објект.
Ова е спротивно на ставот на Градскиот конзерваторски центар, од каде лани кажаа дека се работи за челична конструкција прицврстена на јавна површина- сквер, што влегува во ДУП-от „ Мавровска“, каде е забрането да се гради и затоа нема маркичка.
А, во врска со прекршочната казна од 4000 евра која општина Чаир требаше да ја плати за поставувањето на настрешницата, од таму одговараат дека до сега не добиле правосилно решение за прекршочна казна.
Сотир Трајков
