На граѓаните треба да им е јасно дека тоа што до сега го зборувавме е вистина и се што најавивме практично се случува. Нема ни збор за главните проблеми во државата. На власта и се брза да направи избори, затоа што пари нема. Дупката во Буџетот е огромна, а понатаму исто така како што најавивме ќе следи проектот мигранти за пари, рече на прес-конференција Венко Филипче, лидер на СДСМ.
- Предупредивме дека има огромна дупка во Буџетот. Недостасуваат околу 2 милијарди евра. Конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во Буџетот е 680 милиони евра. Доспеани и неподмирени обврски кон економски субјекти 700 милиони евра. Поврат на ДДВ помеѓу 100 и 150 милиони евра кои што не се исплатени кон компаниите. Следат нови задолжувања, еврообврзница, нови кредити. Сето тоа ќе се пополнува на грбот на народот. Нема пари за раст на платите во 2026 година, рече тој.
Филипче го истакна и скандалот со ИПАРД европските пари, тој рече дека „ние сме на црната листа на Европа во делот на земјоделството. Власта нема од каде да надополни дупка од 120 милиони евра коишто беа субвенција, поддршка за илјадници семејства кои што се занимаваат и живеат од земјоделството“.
Филипчеистакна дека само кога ќе биде спремно општеството по ЕУ стандарди, може да се укине техничката влада.
- „Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар.Затоа неопходни се реформи по европски стандарди, посебно во делот на правосудството“, рече Филипче.
Тој нагласи дека реформите мора целосно да се спроведат и реално да функционираат во институциите, согласно препораките на Европската Унија и оценската комисија.
Б.С.
