Словенија веќе со години е една од најпосакуваните дестинации за македонските студенти. Марио Бојаровски од Тетово таму е на постдипломски студии, а за Телма ТВ сподели детали – што е разликата со Македонија и што треба да имаат предвид овдешните институции и универзитети кога во прашање е задржување на младите.
25 годишниот Марио Бојаровски од Тетово е меѓу стотиците млади луѓе кои се одлучиле да ја искористат можноста за бесплатно студирање во Словенија.
Вели, иако е странец таму може да ги користи сите поволности како словенечките студенти и нема разлика меѓу нив. Според него, останатите трошоци за студентски живот во Словенија се речиси како во Македонија.
„Кога ги правев пресметките дали да одам во Словенија на мастер или да останам во Скопје студирам мастер. Дојдов до заклучок дека истите пари што би ги потрошил јас како студент од Тетово да патувам секој ден од Тетово или да земам стан под кирија во Скопје би ме чинело, истото да го правам, истата цена би чинела, да одам во Словенија со што имам само трошоци да си го плаќам студентскиот дом кој ме чини околу 200 евра на месечно соба со вклучено греење вода со се што следи“ – вели Бојаровски.
Иако е во земја од Европска унија каде храната е поскапа од тука, поволноста е во тоа што добиваат студентски бонови со кои може да се набави храна по субвенционирани цени и тоа во студентски мензи и ресторани.
„Еден бон вреди околу 4, 4 и нешто евра. Со земање на оброк, ние добиваме задолжителна ужина, задолжителна супа, салата и главното јадење“ -додава Бојаровски.
Институциите и универзитетите мора да направат промени и да одговорат на предизвикот како младите да имаат мотив да студираат во Македонија, велат од установите за високо образование.
„Најголемиот дел којшто одат да студираат во Словенија и во другите земји одат бидејќи тие имаат навистина добри програми за стипендирање. Мислам дека односот на нашите универзитети, нашата држава треба да биде кон тоа да развиеме поубави програми за студентите и да имаат тие подобри услови, и финансиски услови да студираат и ако имаат квалитетно образование во нашата држава не би отишле значи на друго место да студираат“ – вели универзитетската професорка, Беса Арифи.
Покрај позитивното искуство за студирање, Марио вели дека и за кратко време во Словенија нашол и работа.
Александар Самарџиев
