Предлог-акцискиот план за правата на малцинствата заради кој повторно се заостри реториката меѓу Македонија и Бугарија, а без кој не може да биде отворен првиот кластер од преговорите со ЕУ, дури и да бидат донесени уставните измени, е објавен на веб-страницата од Агенцијата за остварување права на малцинствата во земјава на 26 ноември, по што била организирана и јавна дебата, но без реално прусуство на јавноста односно медиумите.
Од македонското МНР, како институција која го координира процесот за изготвување на документот, за Телма информираат дека дебатата, која ја нарекуваат „партиципативен форум“, се одржала во декември, организирана од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, а на која биле поканети сите здруженија на заедниците во земјава.
„Со цел обезбедување поголема инклузивност, од страна на Агенцијата за остварување на правата на заедниците беа поканети сите здруженија на заедниците во државата. На форумот учествуваа претставници на здруженија, домашни и меѓународни експерти, како и претставници на институции релевантни за областа на заштитата и унапредувањето на правата на заедниците“, се наведува во одговорот од министерството.
Сепак, од МНР не даваат конкретен одговор дали и кои претставници на Бугарите во Македонија учествувале во дебатата и дали имале забелешки на предлог-акцискиот план, но според информаците на Телма, биле поканети сите здруженија на Бугарите и најголем дел од нив дошле на дебатата.
Од МНР информираат дека забелешките и сугестиите доставени од учесниците се проследени до експертите и ќе бидат земени предвид при изработка на финалната верзија на документот која, како што наведуваат, сè уште е во тек, иако премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена информираше дека Акцискиот план е завршен и доставен до Бугарија и ЕУ. Притоа тој изјави дека Акцискиот план е оспорен од Бугарија поради тоа што и бил доставен на македонски јазик, што Софија го негираше, додека предлог-документот, објавен на веб-страницата на Агенцијата за остварување на правата на малцинствата, за македонската јавност е на англиски јазик.
Инаку во предлог-документот се предвидува менување на законите за превенција и санкционирање на говорот на омраза, јакнење на капацитетите на полицијата, судовите и обвинителството за справување со говорот на омраза, но и превенција на говор на омраза во јавниот простор со јакнење на капацитетите на новинарите и јавните личности, но и зголемување на свесноста на граѓаните за последиците од говорот на омраза.
Тамара Грнчароска
