Ако некое дете не се чувствува добро родителите или лекарите треба да одлучат дали да остане дома. Ова го порача министерката за образование и наука Весна Јаневска која вели учебната година продолжува до 30 декември.
„Не размислувам за тоа порано да почне распустот. И така остануваат уште многу малку до крај на ова полугодие. Мене ми е жал што мора да се обидам да направам споредба, но во некои европски земји децата кога имаат грип и во градинка и на училиште одат на настава сè додека нивното здравје не е загрозено“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Отворајте прозорци и проветрувајте, трудниците, повозрасните и хронично билните можат да се вратат на своите работни места. Мерките и препораките за заштита од загадениот воздух престануваат да важат, одлучи министерството за животна средина. Причината е тоа што во Скопје и Струмица, каде изминативе денови загадувањето беше највисоко, повеќе не е надминат прагот на алармирање за ПМ 10 честичките.
„Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 22.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m³ и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Скопје и Струмица“, соопштија од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Изминатиот викенд Скопје се најде меѓу петте најзагадени градови во светот, а на европската листа се искачи и до второто место. Загадениот воздух предизвика и намалена видливост, што доведе до откажување, одложување и пренасочување на повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје. Во тие денови, надлежните препорачуваа граѓаните да останат дома, да носат заштитни маски и да избегнуваат физичка активност.
Тамара Марковска
Б.С.
