Уставниот суд преку соопштение упати остри критики кон обидите за груба партизација и политизација која деновиве одредени политички партии според нив се обидуваат да ја наметнат со цел да ја зголемат сопствената визибилност на политичкиот простор, користејќи ги работата, одлуките, како и меѓународните активности на Судот.
„Така, унапредувањето на меѓународната соработка на Уставниот суд беше ставена во дневнополитички контекст и искористена за партиски пресметки и стекнување политички поени. Меѓународната соработка била и ќе остане една од стратешките определби на Судот и претставува составен дел од неговото институционално дејствување“, стои во соопштението на Уставниот суд.
Наведуваат дека Судот интензивно работи на афирмирање на својата меѓународна позиција, при што има склучено три Меморандуми за соработка и разбирање со сродни институции, односно со Уставниот суд на Република Косово, со Врховниот Уставен суд на Арапската Република Египет и пред два дена, со Уставниот суд на Република Србија. Дополнително, на Судот му е доверено да претседава оваа година со Балканскиот форум на уставни судови и да го претставува на значајни меѓународни настани.
„Судот нема да подлегне на какви било политички притисоци, влијанија или обиди за дискредитација и ќе продолжи и да ја зајакнува својата меѓународна соработка. Воедно, Судот апелира политичките фактори да покажат поголема уставна и политичка култура и да работат во интерес на државата и граѓаните, а политичките разлики и партиските конфронтации да не се водат на грбот на владеењето на правото и на институциите кои се најповикани да го штитат уставниот поредок“, се додава во соопштението.
Дополнително се додава дека независноста и кредибилитетот на Уставниот суд се вредности што треба да бидат заеднички интерес на сите општествени чинители.
„Затоа, недозволени се и апсурдни квалификациите од некои политички фактори дека одлуки на Уставниот суд се „неуставни” или „незаконски“. Согласно член 112 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, и општозадолжителни. Наместо да повикуваат на протести насочени дирекно против владеењето на правото, партиите е потребно да покажат вистинска посветеност кон европските вредности и потребите на граѓаните“, велат од Уставен.
Судот нагласува дека нема никаква релевантност какви и кои се имињата на улици, школи, инфраструктурни објекти и слично.
„Тоа се политички одлуки кои ние не ги цениме, но она што е важно за Судот и за граѓаните е дали тие одлуки се донесени во законски пропишана постапка. Доказ за ваквото објективно и независно работење на Уставниот суд, базирано исклучиво врз оцена на уставноста и законитоста на прописите донесени од сите власти во државава се и одлуките за законитоста на постапката за преименување на улиците во Чаир (https://ustavensud.mk/archives/32056 и https://ustavensud.mk/archives/20991)“, образложуваат од судот.
Оттука Уставен ги повикува сите политички чинители, да покажат одговорност и воздржаност во јавната комуникација и да се воздржат од ширење невистини и манипулации на сметка на единствената институција која е чувар на Уставот и на уставно правниот поредок на државата.
