Пораката е јасно пренесена во Брисел дека Македонија бара нови заклучоци од Европскиот совет, за земјава да ги донесен уставните измени. Ова го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, кој притоа рече дека земјите-членки и европските институции развивале свест и разбирање за позициите на земјава. Сепак, Муцунски не сакаше да открие каков е одговор на Брисел на ова барање.
„Дали сме дискутирале, несомнено тоа е една од темите за коишто сме дискутирале. Вo врска со одговорот, да оставиме времето да покаже. Значи некои работи и вие добро знаете, се навраќаме повторно на една дискусија што јас и вие ја имавме на една претходна прес-конференција. Вие знаете дека јас и да имам желба не можам да ви ги дадам сите одговори, бидејќи во оваа работа која што ние ја вршиме, дипломатијата, некои работи треба да останат помеѓу нас и соговорниците“, рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата рече дека предвидливоста на процесот е тоа што го бара земјава, односно дека ке нема нови блокади и додека такво нешто не добие, уставни измани нема да има.
„И сега условно кажано, можеби најлесниот потег, барем така перцепциски изгледа, е владата да ги направи уставните измени, бидејќи имаме мнозинство во Собранието. Но, што ако владата го направи тоа и знаеме дека за шест месеци повторно можеме да се соочиме со истата ситуација. Дали е тоа одговорен или европски пристап. И ние велиме мора да има рамка за предвидливост, да знаеме прво, што сите толкуваме како решение од 2022. Да добиеме некаква форма на институционални гаранции, дека нашиот идентитет, јазик, национална историја нема да станат предмет на преговори“, рече Муцунски.
Македонската влада која пред локалните избори најавуваше интензивирање на разговорите со Бугарија по Нова Година, како што изјави Муцунски, подготвна е уште утре да седне на разговори со Бугарија за деблокирање на процесот, но оти сега внатрешнополитичките состојби во Бугарија е комплексна.
Муцунски денеска беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, која од своја страна рече дека Тирана целосно ја поддржува Македонија на европскиот пат и оти членството на земјава во ЕУ за Албанија е од стратешки интерес.
„Ние силно го поддржуваме европскиот пат на Северна Македонија, не затоа што сме партнери, туку затоа што една Северна Македонија, која напредува во силни институции е сигурност за безбедноста на целиот регион“, изјави Спиропали.
Спиропали притоа се надева дека ЕУ ќе го одржи ветувањето за проширување и дека процесот треба да се заснова на заслуги, односно на спроведени домашни задачи. Притоа министерката од Албанија се надва дека земјите од регионот ќе го направат невозможното и ќе ги надминат, како што рече, грчевите во кои се наоѓаат, а кои често не се поради нив. Таа побара политиките на некои земји-членки да не влијаат на јасната европска перспектива на земјите од регинот.
Тамара Грнчароска
