Финансиска полиција во Државна лотарија: Се истражува дел од ревизорскиот извештај што укажува на сериозни нерегуларности со готовина – стотици илјади евра дневен промет без уплати на сметки, без каса-прими и без благајничка евиденција.
Финансиската полиција истражува дел од обемниот ревизорски извештај за злоупотребите во Државна Лотарија. Неофицијалните информации до кои дојде Телма се дека полицијата го работи делот поврзан со дневниот пазар од уплати во 2024 година. Во таа година според ревизорите имало околу 750 илјади евра остварен дневен пазар.
Тие утврдиле дека не е извршена уплата на овие пари кои Лотарија ги зема во кеш на ниту една сметка во банките кои ги има, иако по закон тоа требало да го прави најдоцна после еден ден од земањето на уплатите.
Ревизорите утврдиле дека нема ниту каса прими за готовината која се зема од играчите на игрите на среќа, ниту пак пракса да се води посебна книга на благајна за секој ден во кој е остварен промет. Така не е можно следење ниту прегледност на дневниот пазар, напишале ревизорите.
„Регистрираните податоците во трговските книги мора да бидат целосни, комплетирани, навремени, ажурирани, хронолошки и предизвикува сомнежи за злоупотреба на паричните средства и нерегуларности во работењето со готовината во благајна. Отсуството на редовна уплата на паричните средства од остварен дневен пазар во благајната и на платежна сметка, предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства“, стои во Ревизорскиот извештај.
Токму можните злоупотреби на овие пари сега ги истражува финансиска. Директорот на лотарија е Александар Климовски вели дека уште додека ревизорите работеле и ги известиле за можните злоупотреби, тој ја известил финансиската полиција за ова. И сега и веднаш по излегувањето на извештајот потенцира дека треба да се разграничи во чиј мандат се сторени злоупотребите.
„Во текот на анализите од Државниот завод за ревизија, неформално ни беше соопштено дека постојат одредени пропусти да не кажам злоупотреби од страна на раководни лица на секторот за финансии при што веднаш, тоа ни беше укажано во месец јуни, јули во тој период, веднаш интервениравме кај Финансиската полиција и ги известивме за овие состојби. Од своја страна они ја продолжија на свој начин нивната истрага“, вели Александар Климовски – Директор на државна лотарија.
Инаку обвинителството отвори истрага за набавките на ВЛТ апарати, но осомничените-поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами се во бегство и со распишана меѓународна потерница. За Телма од таму откриваат дека на нивно барање е изготвен извештајот за да се искористи како доказ за веќе отворени предмети, но и за откривање на нови.
„Ревизорскиот извештај и неговите наоди ќе бидат разгледани во контекст на другите докази во постојните предмети, а доколку од извештајот произлезат сознанија и елементи и на друго кривично дело и тие ќе бидат соодветно процесуирани“, соопштуваат од Обвинителството.
Извештајот истражителите го имаат од поодамна а во него уште е нотирано и дека претходното раководство на Државна Лотарија постојано „си добивало седумки и премии“, прво се купувале станови и коли за лотарии, а потоа се барала дозвола за таа игра на среќа, десетици илјади евра се потрошени за изнајмување на објекти кои се реновирале а злоупотребите достигнуваат и до минимум 2 милиони евра само преку нереално и незаконски водено сметководство.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T.Д.
