Собранието вечерва го донесе Законот за средно полициско училиште, со кој се предвидува ова средно образование да функционира во рамки на сегашниот Центар за обука во Идризово, односно согласно новиот Закон за внатрешни работи – Полициска академија.
Школувањето ќе биде во времетраење од две учебни години, односно трета и четврта година средно образование, така што секој кандидат/ученик по завршување на прва и втора година средно училиште, на објавен конкурс може да се пријави и доколку ги исполнува предвидените услови, своето образование да го продолжи во средно полициско училиште.
Согласно потребите на Министерството за внатрешни работи ќе може паралелно да се спроведува и досегашната основна обука за полицаец во времетраење од една година.
Кандидатите за средно полициско училиште се запишуваат на 15/16-та годишна возраст, наспроти сегашната основна полициска обука со 18 до 25-годишна возраст, се вели во образложението.
Последната генерација во Средното полициско училиште заврши во 2000-та година, а со примената на ова законско решение ќе се продолжи со 25-та генерација ученици.
