Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) потврди дека затворскиот притвор на Љупчо Пецов Ѓаволот му е заменет со домашен притвор, како што објави Телма утрово. Пецов беше во бегство како осомничен во истрагата за финансиски малверзации „Синџир”.
Здравствена состојба, но и сериозни сомнежи за влијание врз истрагата и осомничениот, биле причина обвинителството да го прифати барањето на одбраната, велат од ОЈОГОКК.
„ОЈО ГОКК, ценејќи ги истакнатите околности, како и околностите што укажуваат на сериозни влијанија врз постапката и влијанија врз лицето, фактот дека лицето доброволно се пријавило и ги предало двете патни исправи што ги поседува и индициите што укажуваат дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, јавниот обвинител на закажаното рочиште пред судијата на претходна постапка го измени предлогот и предложи да му биде определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“, се вели во одговорот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
-Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка го прифати предлогот на ЈО и на обвинетиот му определи мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му се и двете патни исправи. Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет, соопшти Основен кривичен суд Скопје.
Поради тоа, Пецов нема да може да се сретне во Шутка со својот адвокат Фехми Стафа, поранешниот државен правобранител кој е приведен викендот во врска со клиентот Ѓаволот. За Стафа обвинителството соопшти дека барал 100 илјади евра за да издејствува таква судска одлука со домашен притвир за Љупчо Пецов Ѓаволот. Дваесет илјади евра, пред апсењето, на Стафа му дала сестрата на Ѓаволот. Тие пари биле наменети наводно за да се укине затворскиот притвор кој вчера е укинат со одлука во судот.
Но, Апелација не ја прифати неговата жалба и покрај тоа што Пецов понудил гаранција од милион евра, а признал и дека има бугарски пасош и државјанство и дека во Бугарија бил преку илегален премин, па се вратил. Исто така, здравственото уверение за калкулус односно камен во жолчка кој го имал Пецов викан Ѓаволот, не било доволно за Апелација да му го смени затворскиот во домашен притвор бидејќи не била животно загрозувачка болест.
-Во конкретниот случај целта на притворот не може да се обезбеди со поблага мерка-куќен притвор или друга мерка за обезбедување на присуство на обвинетиот освен со мерка притвор, бидејќи во овој стадиум на постапката не може да ги даде резултатите и очекувањата кои произлегуваат од примената на мерката притвор, како најстрог вид на мерка за обезбедување присуство, стои во одлука на Апелационен суд Скопје за предмет КСЖ 1214/25.
Одлуката, Апелација ја донела на 2-ри декември, на 11-ти декември ја доставиле во скопскиот кривичен суд кој вчера, 5 дена по приемот се премислува заедно со обвинителството и носи нова одлука, сега со домашен наместо со затворски притвор за бегалецот. Прифатиле дека покрај каменот во жолчката, можното влијание врз истрагата и врз осомничениот од други лица и небезбедна средина во затворот Шутка, Пецов Ѓаволот треба да седи дома под полициски надзор.
Пецов беше во бегство од отварањето на истрагата „Синџир“ каде осомничен за даночно затајување, а судот во отсуство му определи мерка притвор. Иако со потерница, тој слободно се движеше низ Скопје, одел во Бугарија, добиваше тендери со неговите фирми, а полицијата не успеа да го лоцира и уапси.
Миомир Серафиновиќ
