Пратениците од СДСМ ја напуштија седницата за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за мигрантите. За нив се особено спорни точката со која се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев, поврзани со создавање на кампови за прием и нега на мигранти, како и таа во која стои дека „се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови“.
„Замислете, резолуција за осуда на опозицијата? – Тоа досега не се случило во парламентарната демократија, апсолутно е неприфатливо“, рече Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Симнување на резолуцијата од дневен ред побараа и од Европски фронт.
„Среќна Нова 49, ова е класично непочитување на уставната определба за поделба на законодавна, извршна и судска власт. Со кое право се мешате во одлуки на извршната власт?“, праша Талат Џафери, пратеник од Европски фронт.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека резолуцијата не е за осуда на опозицијата, туку на нивните манипулации.
„Ова не е Резолуција за осуда на опозицијата, туку за нејзините манипулации и потврда на политиката против нелегалната миграција со која сакаме да ставиме точка на ова лудило што го шират меѓу граѓаните во изминативе денови“, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Резолуцијата има девет точки и со неа се утврдува дека „ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики“.
СДСМ најавија своја резолуција со која ќе побараат, меѓу другото, да се усвои и дека се забранува прием на депортирани лица од трети земји, дека државата нема капацитети за социјална кохезија и дека е потребна усогласеност со ЕУ, а не билатерални експерименти. Но, таа сè уште не е доставена во собранието.
Далиборка Демјанска Цветановска
