Вести Македонија Топ вести

(Фотогалерија) Машини со бигор, излупени ѕидови, дрво во внатрешноста – пералната во Клинички во кататрофална состојба

Излупени ѕидови, дрво среде перална, дотраени и нефункционални машини. Ваква е сликата во пералната на Клиничкиот центар. Дел од машините со месеци не работат, други се зафатени со бигор, а некои се целосно надвор од функција. Перењето на болничката облека и постелнина со месеци е прекинато и се носи во други перални. Вработените алармираат дека една година немаат земено плата, немаат ниту здравствено осигурување, а дел биле принудени и да си дадат отказ. И покрај тоа што, како што велат, тропнале на многу врати, решение не добиле. Бараат итно да бидат вратени под надлежност на државните служби, бидејќи во вакви услови не можат да опстанат.

„За време на ковидот, сите клиники се переа тука. Сите се разболевме, тука работевме болни, за тоа работевме, за пациентите, не за „СкопСтер“. За нив би ја оставиле работата одма, ние ниту еден ден не би работеле, туку за пациентите се боревме. Со болна жена сум, најлоша дијагноза има, не можам на лекар да ја носам. Сите сме без здравствено“, вели Осман Џафери, вработен во пералната на Клинички.

„Проблемот е околу парите. Целата работа е што не ги даваат парите. Ајде ќе дадеме овој месец, ќе префрлат некој денар, колку за кафе“, рече Дејан Димовски, вработен во пералната на Клинички.

„Ние останавме на улица без работа и без плата. Бевме кај директорот на Заедники служби, ни ветија дека ќе се среди за брзо време. Од тоа нема ништо. Бевеме два пати кај министерот и таму нѝ ветија, нѝ го покажаа договорот дека треба да се потпише, се чека само за потпис меѓу „СкопСтер“ и министерство и од таму немаме уште ништо“, раскажува Жаклина Блажевска, вработена во пералната на Клинички.

„Еден штраф, за еден штраф ја оставија машината да пропадне. Не можат да земат еден штраф без пари се. Не донесоа без пропаст“, додава Џафери.

Од компанијата СкопСтер велат дека по преземање на пералната со одлука на Министерството за здравство очекувале да ја приватизираат, а по нивно добивање да ја реновираат и пренаменат во втор центар за стерилизација. Иако, како што велат, досега инвестирале над 12 милиони евра, Јавно-приватното партнерство сè уште не е ставено во функција. Од компанијата додаваат дека пералната од септември технички не може да работи поради дотраената опрема и дека дел од платите на вработените биле исплатени од нивни сопствени средства, но без гаранција дека исплатите ќе продолжат.

„Со оглед дека Јавното-приватно партнерство не започна да функционира, во септември, со допис започнавме процедура за истапување од Договорот за соработка и обврските за извршување на услугите за перење, сушење и пеглање на операциски, болнички и персоналски алишта и дистрибуција на истиот кои произлегуваат од тој договор да бидат преземени и пренесени за понатамошно извршување на услугите од страна на ЈЗУ – Заеднички служби или друг субјект, заедно со сите вработени и опрема, без никаков надомест кон „СкопСтер“ за таквиот пренос. Во таа смисла, од моментот на известувањето, министерството за Здравство ја презема обврската за изнаоѓање на решение за перењето на алиштата од Клинички Центар“, велат од „СкопСтер“.

Од здравство, пак, со кус став.

„Во тек се процесите за меѓуинституционално решавање на статусот на вработените во пералната на клинички, а во однос на услугите за перење, дел од клиниките има свои капацитети за оваа намена, а останатите ги обезбедуваат овие услуги во соработка со ГОБ „8 Септември“ и Детската болница во Козле“, посочуваат од министерството за здравство. 

Пред неколку месеци здравствените инспектори излегоа на терен и констатираа дека пералницата не ги исполнува условите за вршење на дејноста. Вработените коишто се грижат сите клиники да добијат чисти чаршафи за болните и хирурзите да добијат облека за операциите, подолг период штрајкуваат поради неисплатени плати.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина американскиот сенатор Линдзи Греам

Sasko Dimovski

ЕУ воведува нови правила за патници во авионскиот сообраќај – денеска ќе се одобрат, во сила ќе стапат во 2027 година

Sasko Dimovski

Се основа Кинеско-македонска стопанска комора во Скопје

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе