Во Сиднеј, Австралија, светот денеска се соочува со страшен акт на терор. Двајца вооружени напаѓачи убија најмалку 11 луѓе на настан на еврејската заедница по повод почетокот на Ханука на Бонди Бич. Манифестацијата на која се случи масакрот традиционално привлекува стотици учесници.
Според последните податоци повредени се најмалку 29 лица, меѓу кои едно дете и двајца полициски службеници. Властите настанот веднаш го квалификуваа како терористички чин и истакнаа дека мотивот е насочен против еврејската заедница.
Сведоци раскажуваат дека стотици луѓе бегале и се криеле додека во позадина се слушале истрели.
– Го видов човекот како скока од колата со пиштолот и само пукаше од него, а потоа почнав да снимам на телефон, потоа тој само продолжи да пука, се сврте и пукаше право во мој правец, потоа ја испуштив камерата и брзо избегав, раскажува еден очевидец на трагичниот настан.
– Видов дете кое изгледаше дека има околу 8 години и кое беше повредено во ногата. И плачеше и лежеше на земја, зад него беше неговата мајка. И неговата мајка исто така беше на земја. Неговата мајка ги гушкаше останатите деца. Тоа беше на околу осум годишна возраст а останатите околу 2 или 3 години. Тие како и останатите луѓе бегаа од местото, раскажува сведок на трагедијата.
Според податоците на властите еден од напаѓачите бил убиен за време на престрелката со полициските сили додека вториот е уапсен и е во критична состојба. Операцијата е се уште во тек, а приоритет е безбедноста на граѓаните и целосно расчистување на настанот, велат полициските служби.
– Како дел од истрагата и кратко по пукањето, полицијата пронајде возило во „Кемпбел Парејд“ кај Бонди, за кое веруваме дека има неколку импровизирани експлозивни направи. Во моментов таму работи нашата единица за отстранување бомби, информираше Мал Ланион, полициски комесар на Нов Јужен Велс.
Премиерот на Австралија, Ентони Албанесе, во своето обраќање до јавноста рече дека овој напад е чин на омраза и терор и дека во Австралија нема место за насилство и антисемитизам. Порача дека сега е момент за национално единство и поддршка на погодените заедници…
– Мои сограѓани Австралијанци, вечерва велам дека има ноќи што ја кинат душата на нашата нација. Во овој момент на темнина, мора да бидеме светлина еден на друг. Држете се до вистинскиот карактер на земјата што ја сакаме. Австралија е посилна од кукавиците што нападнаа невини луѓе денес. Австралија е похрабра од оние што сакаат да нè исплашат. Австралија никогаш нема да се покори на поделби, насилство или омраза. Ќе бараме правдата да биде задоволена и заедно ќе го надминеме ова, порача австралискиот премиер Ентони Албанесе.
Од Сиднеј до Тел Авив, одговорите на нападот се глобални – Израелскиот претседател го осуди злосторството како „многу сурово“, а заедниците ширум светот ја изразуваат својата солидарност со жртвите. Овој настан повторно отвора прашања за безбедноста на јавните манифестации и за растот на антисемитизмот.
Во овие моменти, нашите сестри и браќа во Сиднеј, Австралија, се нападнати од подли терористи во многу суров напад врз Евреите кои отидоа да ја запалат првата свеќа за Ханука на плажата Бонди. Срцето ни е со нив. Срцето ни бие во ист ритам. Целиот израелски народ во овој момент е во ист ритам додека се молиме за закрепнување на ранетите. Се молиме за нив и се молиме за оние кои ги загубија своите животи, порача израелскиот претседател Исак Херцог.
Трагедијата на Бонди Бич уште еднаш испраќа јасна порака дека нападот не смее да ја поколеба заедничката посветеност на мирот и толеранцијата. Светот мора да одговори со единство и храброст против омразата и насилството..
Александар Петрески
