Дури и целосно да се реализира 20-годишната Национална развојна стратегија, Македонија повторно ќе биде под европскиот просек. Проценките се дека ќе имаме раст од 4,6 отсто, брифираа од владата.
Предизвиците со кои се соочуваат во спроведувањето на стратегијата се диспаритет меѓу урбаните и руралните општини, недоволен придонес на општините, нагласен тренд на миграции, недоволни финансиски средства, неопходност од дигитализација на општините, систем на мапирање на ризиците, корупција, недостиг од работна сила, потребна патна и железничка инфраструктура, тренд на деградација на водните тела, ниска јавна свест за загадувањето на животната средина.
Во правосудството – нарушена доверба, недостиг од кадар, недоволна дигитализација и транспарентност. И целосно да се реализира стратегијата, проценките се дека растот ќе биде само 4,6 проценти и повторно ќе бидеме под европскиот просек, брифираа денеска оттаму.
За една година од изгласувањето во Собранието, работниот комитет одржал 11 состаноци и донесени се 46 заклучоци со конкретни мерки. Секоја стратегија на министерствата мора да се усогласи со оваа.
Комитетот се состои од 40 члена, експерти од сите области:безбедност во сообраќајот, внатрешна безбедносна политика, владеење на правото, дигитализација, енергетика, локален и регионален развој, миграциски прашања, надворешна политика и економија.
Од коморите декларативно биле заинтересирани да дадат придонес, но ретко доаѓаат на состаноци. Меѓу проектите се инвестициска мапа со која се дефинирани шест сектори најпогодни за инвестирање, дигитализација на платните налози од судскиот систем, е-апостол, парамедици, неформално образование, поголемо вклучување на вештачката интелигенција чие функционирање сега е ограничено поради недоволниот фонд на македонски зборови и фрази во дигитална форма.
Оваа Стратегија е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на државата во следните 20 години: развиена, силна, иновативна и ефикасна економија, со мотивирана и квалитетна работна сила, со вештини кои одговараат на пазарот на трудот.
Далиборка Демјанска
Б.С.
