Трезорот за буџетски плаќања се затвора в понеделник на 15 декември, десетина дена порано од претходните години. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ако налозите се достават два-три дена пред Нова година, владата нема да може навреме да ги плати.
Претходно, од неколку институции за Телма потврдија дека им било наложено да ги завршат сите плаќања до 15 декември и оти тогаш ќе им бидат повлечени неискористените пари од буџетот назад во државната каса.
Најголемите стравувања на вработените во државните институции беа дека ако платата или К-15 им задоцни, ќе ги добијат дури после празниците.

- „Многу е важно сите институции навремено да ги достават налозите до трезорот за да може трезорот навремено да ги плати. Бидејќи ако се доставуваат налозите на 25, 27, 28, потоа повторно Владата е виновна зошто тоа навремено не е платено. Се разбира дека ќе има толеранција, но ова беше кажано сè со цел да можат институциите одговорно да се однесуваат и да може да се изврши плаќањето до доверителите, она кое Министерството за финансии преку трезорот треба да го направи“, рече Мицкоски.
