Вести Македонија Најважни

Спасовски со одговор за кривичната против него: Не ме изненадуваат методите, ништо ново, „мвро-вмро“ се враќа на сцена

МВР поднесе кривична пријава против својот поранешен министер Оливер Спасовски за злоупотреба бидејќи не потпишал решение за одземање на лиценца на станица за технички преглед во Сарај. Наведуваат дека станицата за технички преглед во 2021-ва, повеќе од три месеци работела нелегално и на тој начин заработила повеќе од 90 илјади евра наплатени за услуги кои не смеела да ги дава.

„О.С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи. Истиот, иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност“, стои во соопштението на МВР. 

Спасовски во одговор до Телма во целост ги отфрла наводите на како што вели таканаречената пријава од МВР.

„Не ме изненадуваат методите, ништо ново, мвро-вмро се враќа на сцена, секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од реалните скандали на власта. ВМРО-ДПМНЕ бега и сака да го отргне вниманието од важните теми, трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба. Така да се е јасно, ова е класичен обид за политички прогон, за дефокусирање на темата од мигрантите и скандалите на власта. Само имам лична дилема, дали повеќе им сметаат моите резултати кога бев министер, или пак проблем е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер“, одговори Оливер Спасовски за Телма.

Станува збор за случајот со станицата за технички преглед Виа комерц. Таа требало да биде затворена поради неправилности во јули 2021-ва година, но тоа решение не било потпишано од тогашниот министер Спасовски повеќе од три месеци.

Решението било потпишано после сообраќајната несреќа во Бугарија на автобус на Беса Транс кога загинаа 46 луѓе меѓу кои и 15-тина деца и малолетници. Истиот автобус бил технички прегледан во спорната станица Виа комерц.

Претходно, Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција имаше постапка за Спасовски во врска со несреќата на Беса Транс и евентуална негова одговорност. Предистрагата беше отворена во време на мандатот на Вилма Русковска, но потоа таа беше разрешена. Обвинителството ја затвори предистрагата бидејќи не најде докази за дело кое се гони по службена должност.

Спасовски во моментот е пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ, а партијата реагираше дека станува збор за политички мотивиран прогон кој има за цел дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми со кои се соочува владата на Мицкоски.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ по нападите на опозицијата.

-Од СДСМ не очекуваме ништо помалку од тоа да го брани криминалот и своите истакнати корумпирани политичари. Впрочем, дали некој во земјава очекува нешто друго од партија која е заложник на Заев и Филипче? Борбата против корупција допрва почнува, потенцираат од Белата Палата.

Миомир Серафиновиќ

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе