Вести Најважни Свет

Зеленски на средба со европските лидери во Лондон – Дали мировниот план ќе добие свој епилог?

Кој ќе добие, а кој ќе изгуби во ставањето на крај на војната меѓу Украина и Русија? Прашање кое и денес ќе биде тема на разговор на Даунинг стрит во Лондон, покрај гаранциите и предлог мировниот план. Претседателот Володимир Зеленски, ќе седне на маса со домаќинот Кир Стармер, а ќе бидат придружени и од францускиот претседател Емануел Макрон како и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Веќе започнуваме нова дипломатска недела – ќе има консултации со европските лидери. Прво и најважно, безбедносни прашања, поддршка за нашата отпорност и пакети за поддршка на нашата одбрана. Прво и најважно, воздушна одбрана и долгорочно финансирање за Украина. Секако, ќе разговараме за заедничка визија и заеднички позиции во преговорите“, изјави Зеленски.

Минатата недела, украинските претставници се сретнаа со американските преговарачи на Флорида на тридневни разговори. Главниот преговарач за Украина, Рустем Умеров, инсистираше на измени во планот за мир кој беше доставен од страна на Белата куќа. Сепак американскиот план за Русија се смета за поволен, додека за Украина претставува губење на државничкото достоинство. Европските сојузници се на критички став дека сепак планот е многу погоден за Русија, отколку што е за Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека е „малку разочаран“ од Зеленски поради неговата незаинтересираност.

„Значи, разговаравме со претседателот Путин и разговаравме со украинските лидери, вклучувајќи го и Зеленски, претседателот Зеленски. И морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот. Тоа беше од пред неколку часа. Неговиот народ го сака. Но, тој не го сторил тоа. Русија, од друга страна е задоволна со тоа“, посочи Трамп.

Додека дипломатски напори продолжуваат, руските напади врз Украина не запираат. Според украинските власти, во текот на ноќта најмалку седум лица се повредени откако руски беспилотни летала погодија станбен блок во североисточниот украински град Ахтирка.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков посочи дека Москва е заинтересирана за најновите преговори кои се водат меѓу САД и Украина во текот на изминатите денови, а ја пофали и новата Стратегија за национална безбедност што ја претставија американските власти минатата недела.

По средбата со европските лидери, предвидено е Зеленски да замине во Брисел и да се состане со Марк Руте шефот на НАТО, а на состанокот ќе им се придружат и Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет и Урсула Фон дер Лајен, шефицата на Европската комисија.

Tea Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе