Само четири службени возила се пријавени во Владата дека биле злоупотребени во предизборниот период. Во ДКСК пак има само еден предмет. МВР е пред предизвик и за да го контролира и казнува движењето на службените возила со помош на системот Сејф Сити.
Во општина Шуто Оризари кај Џамијата биле злоупотребени четири службени возила. Ваква пријава пристигнала до Службата за општи и заеднички работи во Владата на за време на кампањата за локалните избори. Според пријавата возилата со скопски регистрации биле на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, ги возеле луѓе кои не се вработени таму, а биле на отворање на штаб на ДУИ.
„Станува збор за пријава која е пристигната до Службата за општи и заеднички работи, препратена на 02.10.2025 до институциите на следните адреси: [email protected], [email protected] и [email protected] за да се добие официјален одговор, но до овој момент СОЗР нема добиено повратен одговор“, велат од Владата на РСМ.
Епилог од пријави за злоупотреба нема ни во Државната комисија за спречување корупција. Таму пристигнала само една пријава за злоупотреби на возила во предизборен период од годинешните избори. За ланските имало исто така само една пријава но ДКСК решила дека нема елементи за постапување.
Но од СОЗР признаваат дека не сите возила на институциите се обележани со црвени таблички со кои треба да се препознаваат и да се лоцираат злоупотреби. Според Владата до сега црвени таблици имаат 3 000. Податокот од МВР кој го доби Телма пак е пола од тоа што го тврди СОЗР. Според министерството за внатрешни работи нешто повеќе од 1 500 возила се бележани.
Од полицијата веќе се соочуваат и со предизвикот за контрола на службените возила со помош на системот Сејф сити. Се уште се отворени прашањата дали камерите можат да ги препознаат црвените таблици и жолтите знаци на нив, но и кој ќе биде казнет доколку се стори прекршок.
„Ве информираме дека за возилата во институционална сопственост истите потребно е да издадат патен налог кој ќе служи како доказ кое лице во моментот на сторување на прекршокот го управувал возилото“, стои во соопштението на МВР.
Инаку јавните претпријатија и државните институции по закон пред избори мораат да достават податоци за службените возила до ДКСК. Оваа законска обврска ја исполниле само 42 проценти од 1518 институции, а 58 проценти не го сториле тоа. Државата располага со околу 7 илјади возила, а од владата ветуваат дека сите ќе добијат црвени таблици на следната регистрација.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T.Д.
