Телефонскиот број на Томовски стои испишан на семејната фирма „Сити Аутсорсинг“ за која вчера од СДСМ обвинија дека добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра. И денеска од партијата излегоа со нови податоци за директорот на СОЗР. Томовски, пак, продолжува да ги негира тврдењата од партијата.
„Еве меѓу телефонските броеви на фирмата „Сити Аутсорсинг“ е и овој број 078 362 710. Го проверивме овој број и погледнете чија фотографија излегува, на Ивица Томовски. Не дека ова беше неопходно да се потврдат неговите врски со неговиот татко, ниту, пак, со неговиот роднина Кутановски кој се во оваа фирма. Затоа Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство мора да покренат истрага за конфликтот на интереси и за корупцијата во врвот на владата на Мицкоски“, вели Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ
И на денешните обвинувања директорот на СОЗР Томовски испиша реакција на својот Фејсбук профил во која повторно ги негира тврдењата од партијата, нагласи и дека следи тужба.
„Јас не сум сопственик, не приходувам и немам никаква директна врска со споменатата компанија. Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број, број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат, и следува тужба“, реагира директор на СОЗР Ивица Томовски.
Од она што може да се види во моментов, на страницата на компанијата „Сити Аутсорсинг“ бројот на Томовски не е испишан, но на страните кои прибираат податоци за компании во полето за контакти стои и неговиот број заедно со другите два кој се на официјалната страница на „Сити Аутсорсинг“. Исто, се јавува и на „Златна Книга“.
Вчера, од СДСМ излегоа со обвинување дека семејна фирма на директорот на СОЗР, Томовски добила 161 тендер во вредност од над 5 милиони евра од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ. Дека се работи за компанијата „Сити Логистик“ чиј сопственик во моментот на основање е Витомир Томовски, татко на Ивица Томовски, а управител Слободан Кутановски за кој велат дека е нивни близок роднина. Но, дека потоа името на фирмата се менува во „Сити Аутсорсинг“, а има иста адреса, ист матичен број на субјект.
Од податоците на бизнис мрежа може да се види дека како сопственик и управител на „Сити Аутсорсинг“ јавува Милчо Стрезовски, а Витомир Томовски како сопственик се брише на крајот од 2022 година. Според, податоците, тој не фигурира како сопственик на други компании.
Пред два дена претседателот на СДСМ, Филипче најави нов пакет бомби со кои ќе обелоденат скандалите за злоупотреби на европски фондови, ИПАРД Програми и тендери поврзани со владејачката партија.
Ирена Чачкова
