Менување на заклучоците на Советот на Европската унија (ЕУ), што го побара вчера премиерот, Христијан Мицкоски, откако беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, е многу тешко да се случи. Ова е ставот на политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, според кого повозможно е да се усвојат нови заклучоци.
„Нема политичка волја ниту во ЕУ, а особено не во Бугарија да се сменат досегашните правила. Така што мислам дека Македонија ќе ја задржи оваа Преговарачка рамка, со се Заклучоците на советот кои беа во Преговарачката рамка, но мислам дека можеби како чин на политичка волја или како некакво симболично охрабрување Македонија може да добие нови заклучоци во кои се повикува да нема нови билатерални прашања во процесот на преговори, односно да се држи процесот на преговори до копенхашките критериуми“, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.
Арсовски смета дека Бугарија под меѓународен политички притисок, вклучително и од САД, би можела да отсуствува или да го премолчи гласањето за нови заклучоци на Европскиот совет, а кои Македонија би ги толкувала како некакви гаранции кои ги бара, но не и да се откажа од веќе усвоени услови за земјава на ниво на ЕУ.
Инаку во Заклучоците на Советот на ЕУ за Македонија од 2022 година се бара постигнување опипливи резултати и спроведување во добра волја на билатерални договори со Грција и со Бугарија, поздравувајќи го Протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија како важен чекор кој ќе придонесе за добрососедските односи и јакнење на права на лицата кои припаѓаат на малцинства.
„Советот во овој поглед ја поздравува намерата на Северна Македонија да ги започне и постигне како приоритет релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“, се наведува во точка пет од Заклучоците на Советот на ЕУ за земјава од 2022.
Притоа Советот наведува дека за да се заврши оваа фаза од отворање на преговорите, Советот, ќе свика уште една меѓувладина конференција штом Македонија ќе ја спроведе својата обврска за завршување на уставните измени.
Но, уставните измени како услов за отпочнување на преговарачкиот процес, освен во Заклучоците, наведени и се и во Преговарачката рамка за Македонија во Членот 5, каде се реферира на Договорот за добрососедство и спроведување на вториот протокол од Договорот. А токму во Протоколот во третата точка македонската влада се согласува следната Меѓувладина конференција со ЕУ да се одржи откако во сила ќе влезат уставните измени. Во Протоколот се реферира и на работата на заедничката Историска комисија во Бугарија, промена на учебниците по историја, говорот на омраза, рехабилитација на жртвите на репресиите на комунистичкиот период.
Арсовски смета дека промена на Преговарачката рамка не е можна и оти Бугарија не би се откажала од барање кое веќе го има во џеб, односно од барањата во наведени во Протоколот.
„Не мислам дека условите во вториот Протокол, не мислам дека условите во Заклучоците, можат да се сменат. Од обврските кои веќе сме ги прифатиле, нема бегање. Можеме да побараме гаранции дека нема има нови обврски, тоа евентуално можеме политички да го добиеме. Македонските политички елити велат не сакаме нови услови. Всушност во тоа можеме да читаме: ‘Не сакаме да ги исполниме и досегашните’. Првото можат да го добијат – да нема нови услови, но не може да го добијат второто – да не ги исполнат досегашните“, вели Арсовски.
Арсовски смета дека Македонија не може да ги смени условите кои веќе и се поставени, но може да добие во процесот во иднина некаква политика порака дека нема да има нови билатерлани услови, што според него би требало да биде и главнто барање на земјава.
Инаку дека не може да има промена на Преговарачката рамка јасно беше кажано од Европската унија минатата година, кога Мицкоски веднаш по преџземањето на премиерската функција побара нејзино менување. Тогашниот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир, ја пренесе порака од Брисел, дека не гледа можност такво нешто.
Тамара Грнчароска
