Вести Македонија Најважни

ВМРО-ДПМНЕ усвои стратегија „Македонија 2030“ – Мицкоски вети подобар живот за граѓаните

Христијан Мицкоски е избран за старо-нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ на 18-от конгрес на владеачката партија што се одржа во Кавадарци. Мицкоски беше единствениот кандидат и ова му е трет и последен мандат на функцијата, согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Сите 804 делегати кои гласале ја дале својата поддршка за Мицкоски.

„Изборната комисија го затвори гласањето и ги соопштувам резултатите. Од присутни 817 делегати, 804 гласале од кои 804 гласале „за“. Од името на изборната комисија претседателе ви го честитам новиот мандат“, изјави Зоранчо Јованчев, претседател на изборната комисија.

Мицкоски се заблагодари на довербата и поддршката да го води ВМРО-ДПМНЕ. Осврнувајќи се на „Стратегијата 2030“ која беше изгласана на конгресот и која претставува патоказ за дејствување на партијата, тој порача дека најважна задача во наредниот период ќе биде да се подобри животот на граѓаните, а младите да добијат шанси согласно своите капацитети и способности.

„Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но, од годината што следи, нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, изјава Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски во однос на европската интеграција порача дека државата мора да обезбеди решение со јасни црвени линии, кое ќе го заштити идентитетот и ќе спречи идни условувања и предавства. Тој ѝ порача на Бугарија дека треба да одлучи дали сака билатерални разговори или разговори со Брисел. Најави дека нема да им поместување ниту милиметар, се додека не бидат испочитувани договорите и од меѓународнито право и она што им припаѓа на Македонците.

„А тоа е ни помалку ни повеќе, доследна примена на сите досегашните пресуди на Судот за човекови права од Стразбур, во својство и во насока на исполнување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Тоа е прво. И второ, ако навистина, никој нема проблем со нашата вековна идентитетска константа и нашиот мајчин македонски јазик и дека нема да има повеќе билатерални вета, тогаш најмалку што заслужија граѓаните на оваа земја е нови заклучоци од страна на Европскиот совет. Ова се двата столба за кои што сме подготвени да разговараме“, рече “, рече Мицкоски.

Во наредниот шестмесечен период најави реструктуирања и освежувања во сите структури на партијата, почнувајќи од Извршниот комитет. Мицкоски истакна дека на партија и треба нова генерација која ќе се роди во следниот четиригодишен мандат која ќе го предводи стабилното и победничко ВМРО-ДПМНЕ за подобра иднина на државата.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе