Денеска во Кавадарци, на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, се очекува реизбор на Христијан Мицкоски за лидер на партијата. Тој е единствен кандидат за функцијата.
На Конгресот под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се очекува да присуствуваат 2.600 лица, од кои 850-860 делегати и 1.700-1.800 гости и на него треба да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.
Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати.
„И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, рече актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски.
Тој истакнува дека е важно да се потенцира тоа што првпат како политичка партија немаат долгови. Во 2018 година, рече, ситуацијата не беше розева, ниту, пак, предвидувањата за ВМРО-ДПМНЕ, но во овој момент немаме изложеност кон банки, немаме долгови кои што условно сме ги имале во минатото, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, вчера во пресрет на конгресот, соопшти дека Стратегијата „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ содржи правци за дејствување, развој и државно водство, како и пропратни документи. За да опстои и да напредува, македонската држава, ВМРО-ДПМНЕ смета дека мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет.
