Вести Македонија Најважни

СДСМ ќе пуштаат бомби 2.0

СДСМ пак ќе пуштаат бомби, но наместо нелегално прислушкувани разговори, сега тоа ќе бидат скандали за корупција и кривични пријави против актуелни функционери што ќе ги подготвува антикорупциски тим во партијата. Како дополнителен механизам, ќе изработат и платформа на која граѓаните ќе може да пријавуваат корупција и да прикачуваат документи како доказ.

„Превенцијата не успеа, корупцијата ескалираше. Секој што крадел ќе одговара. Ние ги спремивме новите бомби 2.0, утре ќе објавиме нова, за нов скандал и корупциска шема на владејачката гарнитура. Антикорупцискиот тим во рамките на партиската програма „Нова сила“, ќе биде составен од експерти, советници од областа на правото и финансиите, но пред сè, млади активисти и истражувачи на СДСМ кои ќе истражуваат скандали, ќе ги разоткриваат сите корупциски шеми и ќе поднесуваат соодветни пријави до национални и меѓународни институции“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Повтори и дека ќе ја покани европската обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија поради сомнежите за малверзации со европски средства, меѓу кои и ИПАРД програмата во која се загрозени 130 милиони евра. Вели дека владата ја дефокусира јавноста околу скандалот со обвинувања кон опозицијата, наместо да понесе одговорност после апсењето на директорот во Агенцијата за финансиска поддршка.

Најави и дека партијата ќе покани и италијански антикорупционери кои имаат искуство во борба против мафијата Коза Ностра.

Од ВМРО-ДПМНЕ му вратија дека е иронично токму тој да зборува за борба против корупција и криминал, кога главниот извор во државата се токму тие и нивните мрежи.

„Кога СДСМ зборува за антикорупциски тим, листата сама се пишува: Зоран Заев, самопрогласен академик за криминал и непотизам, Вице Заев, специјалист за перење пари и царински погодности, Васко Ковачевски, кој треба да се врати од студии во странство за да објасни со што точно тргувал. Од културните шеми, Бисера Костадиновска-Стојчевска, со активна пријава и партнер во криминал, Артан Груби. Ете, таков тим нуди Венко Филипче“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Манасиевски изнесе и сомнежи за злоупотреби со набавка на жито во 2022 година, прашувајќи дали 1,3 милиони евра од таа набавка завршиле во џебовите на Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски?

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе