Вести Македонија Најважни

Системот под лупа – собранието покренува обемна истрага за трагедиите во последните години

Собранието даде „зелено светло“ за формирање сеопфатна Анкетна комисија за сите трагедии во последните години. Помина предлогот на мнозинството, да се разгледуваат институционалните пропусти и функционалноста на системот, во потрага по политичката одговорност.

Покрај пожарот во Кочани, предмет на испитување ќе биде и пожарот во модуларната во Тетово, како и двете автобуски несреќи со жртви.

Предлогот на мнозинството беше поддржан и од дел од опозицијата.

„Сите овие четири трагични настани коишто резултирале со ваква ненадоместлива штета и за семејствата и за целата држава, не треба да бидат селективно разгледувани туку како една целина за да можеме со објективни согледувања да дадеме препораки за поправање на одредени системски недостатоци“, кажа Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

„Имам една лична дилема дали воопшто треба да се зборува за овие теми додека има судски постапки. Но, тоа е моја лична дилема и таа се обидов да ја надминам бидјеќи гледам дека општеството сака за тоа да се зборува – тие теми не смеат да се скокнат тогаш“, кажа Бобан Карапејовски, пратеник од ЗНАМ. 

Европскиот фронт се обиде со амандмани да интервенира во предлогот на мнозинството, но истите беа отфрлени. Оттаму беа на став дека двете иницијативи во процедура, имаат одредени недостатоци.

ДУИ претходно даде поддршка на иницијативата на опозициските СДСМ и Левица за формирање Анкетна комисија, но со фокус само на трагедијата во Кочани. Собранието го отфрли предлогот на опозицијата.

„Ние немаме намера како предлагачи на оваа иницијатива да водиме постапки коишти ги води Јавното обвинителство и да судиме некој којшто треба да се суди таму каде што му е местото. Меѓутоа треба да се утврди доколку има било каква одговорност. Треба да видиме кои се пропустите на системот“, кажа Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ. 

„Од 16 март до денеска, парламентарните групи кои имаат дваесет пратеници имале можност во склад со Деловникот да оформат ваква Анкетна комисија. Единствената парламентарна група која сама ги исполнува условите според овој број е ВМРО-ДПМНЕ. Но, за жал не ја покренаа“, кажа Блерим Беџети, пратеник од Европски фронт. 

На 9 декември претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Апасиев, има закажано состанок со родителите на починатите и повредените од Кочани, а на истиот ден е закажана и седница за Буџетот.

Спикерот Гаши, на вчерашниот брифинг со медиумите, кажа дека побарал од координаторот на пратеничката група на Левица, Крмов, како и од Апасиев, да се одложи комисијата за друг ден.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе