Во Кривичниот суд во Идризово денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој на 16 март одзеде 63 животи, а над 210 беа повредени.
На денешното рочиште на кое обвинетите 35 физички лица и три парвни субјекти се произнесуваа по однос на обвинението рекоа дека не се чувствуваат за виновни, а дел од нив изразија сочувство за семејствата на жртвите, и посакаа побрзо закрепнување на повредените.
Прв стана првообвинетиот Дејан Јованов кој рече дека не се чувствува виновен, без притоа да изрази сочувство. Во своите излагања дел од лицата кои биле задолжени за обезбедување на објектот рекоа дека за време на трагедијата се труделе да спасат што е можно повеќе присутни во дискотеката. Екс директорот на ДЗС, Шабан Салиу, рече дека не се чувствува виновен и дека обвинението е политички мотивирано и неосновано.
Љупчо Папазов порача дека не ги сфаќа мотивите на обвинителството да биде сместен во едно вака конструирано обвинение.
Крешник Бектеши исто така изрази сочувство и рече дека не се чувствува виновен.
Вина отфрли и поранешниот министер Ваљон Сарачини.
Обвинетиот градежен инспектор Огњан Ѓорѓиев рече дека не се чувствува виновен и дека не му е јасно зошто е тука.
Посочи дека сега е пензионер и дека се нашол во судница со цел како што нагласи да има повеќе обвинети на број.
По изјаснувањето следеше кратка пауза по што беа најавени воведните говори на одбраната, со можност тие да продолжат и на следните рочишта поради големиот број бранители. Обвинителството останува на ставот дека пожарот е резултат на „низа од пропусти“ и „бескрупулозност“, додека одбраната најавува силни приговори на интегрираното обвинение.
Е.М.И
