На три члена на судскиот совет мандатот им завршува во декември и јануари, два огласи се во тек a за пополнување на третото испразнето место – предлог до собранието ќе треба да даде претседателката на државата.
Но, од летоска празно стои уште едно место, на Милјазим Мустафа, за кое предлог треба да даде Силјановска – Давкова.
Тогаш таа најави дека ќе го чека новиот закон за судски совет кој има појасни критериуми за истакнат правник.
5 месеци подоцна законот се уште не е донесен а на веб страната на судски стои потсетник дека се чека избор по предлог на претседателот.
Останува неизвесно дали ова реченица ќе стои и на местото на Весна Дамева која си заминува од Судски на крајот на декември a нејзин наследник треба да предложи претседателката.
Според најавите на извршната власт предлогот законот за судски ја минал владината процедура и ќе оди на мислење во ЕК.
Претседателката изминатиот период во јавните настапи потврдуваше дека ќе го чека новиот закон.
На прашањата на Телма испратено во четвртокот од Вила Водно не добивме одговор дали има промена.
Ивана Петковска која беше член на експертската работна група вели дека нацрт законот го завршиле уште во јуни и нема информација зошто се уште не е донесен .
„Доколку се има волја да се предложи лице што навистина е истакнат правник и има капацитет и интегритет да биде член на Судски, не гледам пречка истиот да биде предложен до Собранието. Сите постапки согласно законот за Судски совет се врзани со рокови и тие рокови требаше да започнат да течат за да спроведат огласите за избор на нов член или предлогот што го дава претседателот. Доколку интенцијата е да се чека новиот закон да биде донесен за да се предложат нови членови можеби требаше и владата да ја убрза таа постапка за да се изберат членовите на Судскиот совет во соодветен рок согласно новиот закон“ – вели правниот аналитичар, Ивана Петковска.
При крај се два огласи распишани од Собранието и Судскиот совет.
На Селим Адеми мандатот му истекува на средината на декември а наследникот треба да биде избран од собранието.
Но, Ханиф Зендели си заминува во втората половина на јануари а кој ќе седне во неговото столче ќе бираат судиите.
Огласот е за припадници на заедницата што е над 20 отсто. Со оглед на тоа што во наредниот период треба да бидат избрани 4 нови членови или тоа е околу една третина од членовите со право на глас правниците порачуваа дека професионалноста и интегритетот на кандидатите треба да бидат пресудни а не политичките калкулации
„Со оглед на тоа што судскиот совет беше мета на критики особено со препораките на оценската мисија и сите случувања во 2023 се надевам ја научивме лекцијата кој се треба да биде член на судскиот совет. Пред се ќе треба да бидат правници со квалитетно знаење и искуство но пред се со интегритет , бидејќи Судскиот совет ужива мала доверба. Собранието ќе бира тројца од кандидатите без разлика што двајца се по предлог на претседателот така што очекуваме политичка волја дека сакаме да се случат суштински промени во правосудството и реформските процеси на кои сме се обврзале дека ќе ги исполниме како држава со реформската агенда ќе бидат навистина исполнети“ – вели Петковска.
За членовите за кои е распишан огласот по актуелниот закон ќе важат тие правила дури и ако биде донесен новиот, објаснува Петковска .
Елена Ивановска Мукоска
