Во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Агенцијата за филм во 2024 година, не се опфатени сите проекти, туку само одредени, избрани по случаен избор. Начинот на кој е правен тој случаен избор и критериумите за избор и анализа, не се наведени во извештајот. Со овие зборови в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашо Мицевски го демантира ДЗР, кој на 20 ноември објави извештај во кој се вели дека слабостите и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат со години.
Склучените договори за производство на филмови и за фестивали бележат тренд на континуирано зголемување, особено за периодот 2022- 2024 година, при што соодносот на одобрен буџет и обврски по проекти изнесува 1:5. Тоа укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет, стои во извештајот. Според в.д. директорот на Агенцијата, во извештајот не е нотирано дека од потпишување преддоговор за одобрен проект до финализирање на реализацијата поминуваат пет години.
„Кога ќе се одобри буџетот, како што е пример ова (покажува со прст во извештајот), се доделуваат средства на проекти, се потпишуваат преддоговори, се трошат 5% од целосната сума. Бидејќи тие средства се доделуваат со преддоговорот и продуцентите имаат 5 години да го реализираат проектот. Тие финансиски обврски се пренесуваат во наредните години“, кажа Сашо Мицевски, в.д. директор на Агенцијата за филм.
Ревозорите, исто така, нотирале дека Агенцијата работи со недоволен број на стручни и обучени кадри и дека тоа влијае на квалитетот на дејноста, а недостаток се надополнувал со лица со договор на дело, без спроведена постапка за исполнување на условите и квалификациите за соодветното работно место. Мицевски признава дека по систематизација треба да имаат 41 вработен, а сега располагаат со седум вработени и 12 примени со договор на дело.
„Тоа е двојно помалку од човечките ресурси кои што и се потребни на самата Агенција за да функционира нормално“, рече Мицевски.
За забелешката дека се утврдени слабости во следењето на динамиката на реализација и исплатата на филмските проекти, што според ДЗР создава ризик од нефункционална распределба и користење на буџетските средства, в.д. директорот на Агенцијата рече дека тој проблем годинава е значително надминат со ангажирање три лица од надвор и дел од вработените кои ги анализираат финансиските извештаи за проектите и динамиката на исплата е побрза.
А, неспроведените пописи во 2023 и 2024 година на средства, побарувања и обврски во Агенцијата за филм, Мицевски ги потврди и кажа дека годинава, кога тој дојде на функцијата, пописот е веќе направен. По завршување на календарската и фискалната година, нивното сметководство ќе направи попис и точно ќе се знае колкави се обврските на Агенцијата за филм, кажа в.д. директорот.
Сотир Трајков
