Зошто за првпат доцни државната помош за странските компании, премиерот Мицкоски прстот го впери во антикорупционерите. Не добиле мислење од Комисијата дали за време на локални избори такви средства можат да се исплатат, па поради тоа одлучиле да почекаат да завршат и да ја поделат поддршката. Мицкоски вети дека ќе ја добијат деновиве. Но, ова не се единствените пари што не се легнати на сметките. Деловните субјекти во земјава не ги добиле ниту средствата од финансиската поддршка за инвестиции за лани, а за годинава не се потпишани договорите. За ова веќе е задолжен и Генералниот секретаријат на Владата да се разгледаат извештаите за исплата на парите.
„Без разлика дали е и за 2024 година, ние се обративме до ДКСК, не добивме одговор. Да добиевме одговор да или не, ние ќе го направевме тоа, добивме општ фразиран одговор и чекавме да завршат изборите и сето тоа ќе се заврши деновиве“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На прашање на Телма што било мислењето од ДКСК во однос на државната помош за инвеститорите, од комисијата ни одговорија дека до нив барање за мислење стигнало од ТИРЗ. Но дека тие по закон не се надлежни да даваат мислење за време на изборен процес. Одлука носи одговорното лице на институцијата, а ДКСК во случај на констатирани прекршоци и злоупотреби постапува.
Главните менаџери, пак, од странските компании од зоните коментираат дека со државната помош првпат се доцни и тоа не е добро за државата.
„Она што сакам да го кажам за државата помош е тоа што оваа година првпат имаме девијација, заради изборите сè уште не е исплатена. Дванаесет години се исплаќа на време и имало не знам колку избори и никогаш не дошло до доцнење. Оваа година првпат не се исплаќа со информација дека е тоа заради локалните избори. И тоа е нешто што мислам дека не ѝ треба на Македонија“, соопшти извршниот директор на ОДВ Електрик, Огнен Цубалевски.
Ова се случува во време кога многу од странските инвеститори во земјава се соочуваат со проблеми во работењето поради кризата во Германија, земја со која најмногу соработуваат. Две од компаниите „Аптив“ и „Дура“ се пред затворање на погоните. За ваквото заминување премиерот Мицксоки пред извесно време кажа дека не е крај на светот. Познавачите, пак, сугерираат дека треба да се обидеме да ги задржиме инвеститорите кои веќе извесен период работат тука.
Според бројките во првите два квартала лани, странските инвестиции изнесуваа над 560 милиони евра, годинава во истиот период се нешто над 220 милиони евра.
Ирена Чачкова
