Мирно и без нерегуларности на избирачките места помина претпладнето во Скопје на осмите локални избори од незазисноста на Македонија. Екипи на Телма ги посетија избирачките места 2892 во училиштето „ Лириа“ во Чаир, 2846 во „ Песталоци“ – Општина Центар и 2638 во училиштето „ Петар Поп Арсов“ во Општина Карпош. Од избирачките одбори велат дека гласањето започнало навреме во 7 часот и не биле забележани никакви инциденти што би влегле во евиденцијата.
- Изборниот ден започна сабајле во 7 часот. Просторот беше прилагоден спрема сите упатства што беа дадени од ДИК и почна навреме. Во досегашниот тек на изборите одгласот на гласачите во однос на минатите години е во запазениот просек. Се одвива сѐ во најдобар ред. Нема никакви проблеми , никакви инциденти кои што треба да се евидентираат, кажа Љубомир Рафајловски, заменик- претседател на избирачки одбор на избирачко место 2638 во Карпош.
Граѓаните што ги анкетиравме на избирачките места, очекуваат изборен ден во демократски дух, а од градоначалниците и советници што ќе бидат избрани да работат домаќински и да се заложат за почиста животна средина и за подобра сообраќајна инфраструктура. Но, има и песимисти.
- Па, не сум оптимист. Општата ситуација така диктира, како би се рекло. Совеста секој пат треба да биде чиста и добронамерна , а овде јас не гледам такви. Набројани се многу проблеми. Решенијата се набројани, а не гледам пат по кој што може да се стигне до тие решенија, кажа жител на Центар.
- Прво што очекуваме е почист Чаир. Бидејќи Чаир е една од најстарите наслеби во Скопје. Второ, очекуваме сообраќајот во „ Чаирчанка“ да се регулира , да се најде начин или да се отвори или да се направи двоспратно или да биде комуникацијата полесна, вели жител на Чаир.
- Очекуваме пред сѐ како граѓани да добиеме градоначалници и советници кои ќе работат за граѓаните. А, најмногу од сѐ очекуваме демократски избори и чисто пребројување на гласовите. Очекуваме да нема никакви проблеми, вели жителка на Центар .
- Очекувам изборите да поминат во еден мир, во демократска и цивилизирана атмосфера. Од новите градоначалници и советници очекуваме разумно да го менаџираат буџетот на општините и се надеваме на подобри услови во нашата општина, вели жител на Центар.
Локалните избори се спроведуваат на 3474 избирачки места. Право на глас имаат 1832415 гласачи од земјава и дијаспората. Се гласа во 80 општини и во Скопје, за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи.
Сотир Трајков
