Голем шумски пожар во францускиот регион Жиронда се приближи на околу 15 километри од градот Бордо, поради што локалните власти се подготвуваат за можни нови евакуации.
Градоначалникот Томас Казенаве предупреди дека се разгледуваат сите сценарија и дека се подготвуваат капацитети за сместување на голем број жители доколку ситуацијата се влоши.
Француските пожарникари се соочуваат со, како што велат властите, „невидена“ ситуација, додека огнената стихија уништува илјадници хектари земја.

Во Франција досега се евакуирани околу 220 илјади луѓе, а во регионот Жиронда изгореа десетици илјади хектари и беа уништени стотици домови.
Пожари беснеат и во Шпанија, каде повеќе од 100 илјади луѓе беа евакуирани.
Властите предупредуваат дека новиот топлотен бран дополнително ќе ги отежне напорите за гасење, а климатските промени се посочуваат како еден од факторите за сè почестите и поинтензивни шумски пожари во Европа.
