Дисциплински постапки за 11 полицајци од Велес, затоа што не постапувале по дел од пријавите на Росица која беше брутално убиена од поранешниот партнер Илија Стефановски. Ваквиот предлог го дала внатрешната контрола, откако провериле како постапувала велешката полиција по сите пријави на жртвата. Извештајот со пропустите на полицајците е испратен и во обвинителството за гонење организиран криминал во кое има специјализирано одделение за полициски службеници.
„Во најголемиот дел од случаите, полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно, согласно законските обврски и процедурите“, информираат од МВР.
Конкретно, за кои пријави станува збор од МВР не откриваат. Медиумите во изминатиот период објавуваа дека Росица поднела бројни пријави дека Стефановски ја кршел судската забрана за доближување и воспоставување контакт со неа, ја вознемирувал, ја нападнал, пишувал навредливи графити, но и дека бил запален семејниот автомобил.
Според обивнителството, на 21 мај пријавила дека Стефановски продолжува да ѝ испраќа пораки и фотографии во обид да оствари комуникација со неа, а три дена претходно се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот на нејзиниот татко. На 26 јуни, велешкото обвинителство ја сослушало и издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување на снимки од видеонадзор од различни локации во градот, но досега не добиле одговор од МВР што има на снимките.
Стефановски бил обвинет за две кривични дела – за загрозување на нејзината сигурност и за насилство врз нејзиниот партнер што се случиле во февруари и во март годинава. На 10 септември, велешкиот суд му пресудил условна казна. Пет дена подоцна, Илија со нож ги избол Росица и нејзиниот татко, по што си го одзел животот.
Елена Ивановска Мукоски
