За едно дело ослободена, за другото огласена виновна. Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова доби две години затвор за злоупотреба на службената положба. По правосилност на пресудата, во рок од шест месеци треба да ја надомести и штетата за Агенцијата во висина од над 360.000 евра.
Судијката образложуваше дека спротивно на закон се постапувало при ангажирање на надворешни соработници и експерти, дека била ангажирана фирма за реновирање на деловен простор без објавен оглас со преговарање, а неправилности лоцирираше и во процедурите за пресметка на дневници за службени патувања во странство.
За другото дело „измама“ на штета на средства на Европската заедница, Димова е ослободена, а ослободителна доби и второобвинетата за несовесно работење Ана Павлиду, благајничка во Агенцијата.
Димова по пресудата со коментар дека е збунета од пресудата, затоа што од една страна е ослободена од обвинението дека направила штета на европски пари, а од дурга страна е осудена дека не се придржувала до процедурите.
Првостепената пресуда за Димова доаѓа по, речиси, три години од првото закажано рочиште. На стартот на обвинителна клупа седеше и соработникот во Агенцијата, Александар Гочев, но тој призна вина.
Елена Ивановска Мукоска
