142 државни институции не го испочитувале рокот за пријавување на службените возила во Антикорупциска, испратиле податоци по истекот на рокот. 435 тоа го сториле во законскиот рок. Според ДКСК, заклучно со 26 август возилата ги пријавиле вкупно 577 институции . Во регистарот за возила оние кои задоцниле се обележани со ѕвездичка.
Се уште нема точна бројка дали и колку институции го прекршиле законот и воопшто не ја информирале Комисијата.
Според податоци што ДКСК ги добила од Централниот Регистар, има 1.511 правни лица што располагаат со државен капитал, министерства, општини , агенции дирекции фондови и други институции основани од државата . Ако од оваа бројка се одземе бројот на институции што испратиле податоци, остануваат над 900. Дали и колку од нив имаат возила а не ги пријавиле? Одговорот го чекаат од базите на МВР:
Во соработка со МВР, во тек е прибавувањето на податоци од нивната евиденција, која се однесува на регистарските броеви на службените моторни возила на сите државни институции. На тој начин, точно ќе утврдиме и јавно ќе бидат достапни податоците за:
– Број на институции кои располагаат со службени моторни возила, број на возила на секоја институција, како и нивните регистерски таблици,
– Број на институции кои располагаат со службени моторни возила, а не доставиле податоци до ДКСК и
– Сите овие податоци ќе ги објавиме на нашата веб страна со што ќе бидат јавно достапни, одговорија од ДКСК за Телма
Прекршителите не може да бидат прекршочно казнети поради правна празнина во Изборниот законик во кој не се предвидени санкции.
Антикорупциска ќе ги информира Владата и Собранието кои институциите во кои бираат или именуваат директори , не ги пријавиле службените возила, за потоа тие да ги санкционираат одговорните.
Според законот, 10 дена по распишување на изборите, сите институции на државно и на локално ниво, како и јавни и државни претпријатија, треба да ги пријават службените возила, со модел и регистрација во Државната комисија за спречување на корупцијата
Евидентирањето на возилата на институциите се врши со цел тие да не се користат од страна на функционерите и други именувани и избрани лица за потребите на изборните кампањи.
Владата претходно донесе одлука, сите државни службени возила од 15 септември да добијат црвени регистарски таблички за да се разликуваат од другите коли.
Антикорупциска добила до сега две пријави – поврзани со нерегуларности во предизборниот период. Според одговорот за Телма , во едната пријава се однесува за прераспоредување на вработен на друго работно место а втората е за изнајмување на простор во гратско подрачје, кој претставува државна сопственост.
Елена Ивановска Мукоска
