Вести Македонија Најважни

Нема Национален план за адаптација на климатските промени, Македонија пет години без податоци за стакленички гасови – извештај на ДРЗ

Оддолжувањето на постапката за донесување на законот за климатска акција, што трае повеќе од пет години, има негативно влијание во институционален систем, координација и комуникација меѓу институциите вклучени во процесот на климатски промени, оценува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за подготвеноста на државава за справување со климатските промени.

„Надлежните органи во државата потребно е да преземат дополните мерки и активности за справување со климатските промени поради тоа што меѓу другото отсуствува јасно дефинирана структурна поставеност, координација и комуникација меѓу инволвираните страни во процесот на климатски промени, а Национален план за адаптација на климатските промени не е донесен“, наведуваат ревизорите.

Во однос на управувањето со климатските промени, ревизорите оценуваат дека постојното законодавство од областа на животната средина, иако регулира одредени прашања поврзани со климатските промени, сепак не се доволни да се воспостави систем со кој државата ќе управува со климатските промени.

И покрај вклученоста на голем број институции, правни лица и засегнати страни во Предлог верзијата на Законот за климатска акција изостанува вклученоста на локалната власт која е носител на политиките на локално ниво и истовремено ги имплементира политиките од централно ниво, се наведува во извештајот.

Поради слабите административни капацитети, не е обезбедена ниту единствена база на податоци потребна за изготвување и ажурирање на Националниот инвентар на стакленички гасови којшто со помош на меѓународни проекти последен пат е изработен во 2019 година, односно за последните пет години државата нема податоци за емисии на стакленички гасови.

Државата нема национален план за адаптација на климатските промени, но дел од секторските стратегии предвидуваат мерки и политики за адаптација.

Во однос на финансирање на климатските промени, во Долгорочната стратегија за климатска акција, предвидено е дека за реализација на политиките и мерките за периодот од 2020-2050 година ќе бидат потребни капитални инвестиции во висина од 35 милијарди евра и трошоци во енергетскиот сектор од 121 милијарда евра.

„Имајќи во предвид дека сеуште нема законска основа, во Буџетот на државата не е воспоставен систем за климатско означување на проектите релевантни или поврзани со климатски промени поради што државата не располага со релевантни податоци за финансиските средства наменети за климатски промени. Во периодот од 2020-2024 година не се изготвени двогодишни извештаи (BUR) со кои државата има меѓународна обврска да известува за искористените средства од домашниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа, како и средства од меѓународни фондови и институции и приватниот сектор“, наведуваат ревизорите.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

За Иран Ормутскиот теснец е затворен додека за САД е отворен – контрадикторни ставови за состојбата на поморскиот премин

Tea Dimkovska

По смртта на градежниот работник во Трубарево инспекторатот за труд го затвори градилиштето

Tea Dimkovska

Во Демирхисарската болница ќе биде спроведен на лекување таткото на Меланија која објави дека со нејзиното семејство се жртви на семејно насилство

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе