Место – „Универзална сала“, ученици, студенти и родители, обединети во тагата и револтот по трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова. Облечени во црни маици со натпис „Правда за Фросина“. Во раце транспаренти и пораки – „Ако корумпираниот систем живее – народот умира“. Бараат одговорност, правда и системски промени кои ќе спречат вакви трагедии одново и одново да се повторуваат.
По собирот кај Универзална сала, граѓаните во тишина се упатија кон Собранието, каде што таткото на Фросина обрати и испрати емотивни пораки. Во говорот порача дека неговата ќерка не смее да биде бројка и дека институциите мора да преземат одговорност заради безбедноста на сите граѓани.
-Судии, обвинители, проценители и извршители направија бакалски дуќани, друштва за надавање како аукциски куќи кој ќе плати повеќе мито тој добива, рече Тодор Кулаков, таткото на Фросина, пред граѓаните кои излегоа на протестниот марш.
-Ова што ни се случува најблизу може да се објасни како непомирлив судир на два различни вредносни и цивилизациски концепти. Се работи за систем и антисистем. Од една страна системот ни создава универзални вредности, правила базирани на длабока профа каде што децата се учат во домовите, во школите, црквите и затоа некои од нив благодарение на таквиот хуманистички пристап стануваат херои на нашето време. Дозволете ми Фросина да ја сместам во тие херои. Другите, оние кои се задоени со чемерот на антисистемот, претварајќи се во наркодилери, насилници, убијци…заедно со тешко поплатени судии и обвинители, порача ужалениот татко на Фросина пред Собранието.
Во знак на почит кон Фросина, насобраните неколку минути молчеа, додека небото беше осветлено од блицевите на нивните телефони – симбол на надеж, но и на аларм кој треба да го разбуди општеството.
Протестниот марш продолжи пред Кривичниот суд, каде што граѓаните гласно извикуваа „Правда за Фросина!“ Граѓаните порачаа дека нема да замолчат сè додека не се спроведе темелна истрага ѝ не се преземат конкретни чекори за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Протест за смртта на Кулакова се одржа и во Кавадарци, на собирот присуствуваше нејзината сестра, Росица. Со голема болка и преку солзи, таа изјави дека случајот треба да добие вистинска правна завршница.
Протестот во Скопје помина мирно, но со јасна порака – граѓаните нема да дозволат оваа трагедија да биде заборавена, а системските пропусти да останат нерешени. Во таа насока најавија идни протести, а датумот ќе биде соопштен на социјалните мрежи.
Тамара Марковска
