Ноќеска биле опожарени два автомобила и дуќан во Куманово. Меѓу запалените возила, неофицијално, е и на обвинителот и поранешен заменик министер Џелал Бајрами. Неофицијалните информации велат дека другото возило е сопственост на советник на ДУИ.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на локациите на кои беа опожарени два автомобила и една деловна просторија. Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Собрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор“, велат од обвинителството.
Демократската Унија за интеграција (ДУИ) излезе со соопштение во кое тврди дека опожарениот имот е сопственост на Албанци и повикува на итна интервенција на меѓународцната заедница.
„Тешките настани што се случија синоќа во Куманово, каде што неколку автомобили и една продавница на Албанци беа запалени, претставуваат горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби. Ова веќе не е само неодговорност или неуспех – ова е опасна криза која се влошува секој ден. Кога институциите не можат да ја гарантираат безбедноста на своите граѓани и кога молчат пред ваквите дела на омраза, пораката што се испраќа е јасна: Албанците во оваа земја се оставени на милост и немилост на судбината. Овој пристап не е само дискриминаторски, туку и длабоко дестабилизирачки за целото општество. Само меѓународен притисок може да ја запре оваа опасна спирала на насилство и омраза, која ја загрозува мирот и стабилноста во земјата“, се наведува во соопштението на ДУИ.